Новиот закон за високите раководители на органите на државната управа и фондовите треба да биде системско решение кое ќе ги разграничи професионалното и политичкото ниво во високите функции на државната управа. Тој треба да ги дефинира високите раководители и да ги утврди начелата на еднаков пристап и услови, родова еднаквост, конкурентност, транспарентност и други и да ги унифицира и да ги заостри условите за вработување на овие позиции, беше истакнато на првата јавна дебата за Нацртот на Предлог-законот за високите раководители на органите на државната управа и фондовите на која што присуствуваа министерот за јавната администрација Горан Минчев, генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, странски и домашни експерти и претставници на органите на управата, пренесува агенцијата Мета.мк.
Текстот на законот, кој е дел од реформската агенда и се подготвува неколку години, предвидува ограничување на функцијата вршител на должност, која многу често се злоупотребува во именувањата на функционери во органите на управната власт. Според законот В.Д. може да има мандат од шест месеци, мора да биде избран од кругот на вработените и не може повеќепати да ја извршува оваа функција. Мандатот на високите функционери се дефинира на четири години, а секој што ќе биде избран треба да има работно искуство во струката каде што аплицира.
„Нема веќе доживотни функции и недопирливи позиции, управните одбори се сведуваат на три члена, а статусот в.д. станува исклучок строго временски и правно ограничен. Позицијата веќе не е титула, туку одговорност. Раководителите ќе имаат јасна обврска да испорачуваат резултати. Воведуваме појасни и унифицирани критериуми за избор на директори, државни секретари и членови на колегијални органи на државната управа, но и за членови на управни одбори за кои досега не постоеја речиси никакви правила“, рече денеска министерот за јавна администрација Минчев.
За генералниот секретар на Владата, Јанушев, целта на законот е транспарентен, отчетен, професионален, квалитетен и ефикасен јавен сектор во служба на граѓаните, ориентиран кон резултати. Тој смета дека функциите на високите раководители треба да се достапни за сите под еднакви услови, а именувањето висок раководител да се врши во транспарентна, фер и конкурентна постапка за селекција.
На јавната дебата домашни и странски експерти критикуваа дел од предложените одредби од законот, за кои сметаат дека треба да се доработат. Според претставникот на европската иницијатива Сигма, законот ги опфаќа високите функционери како државните секретари, директори и заменици, но не и Генералниот секретар на Владата и заменикот, како што е случај во други земји. Според него, неважењето на законот за високите финкционери од Министерството за внатрешни работи, заради специфичноста на нивната работа е погрешно и треба да се промени.
„Проблематичен е и делот за составот на телата за избор на високите функционери, кои не треба да се под политичко влијание, туку да ги сочинуваат експерти и стручни лица. Листите на кандидатите треба да се сведат на три, а не на пет кандидати, треба и подобро да се разработат постапките за интервјуирање, а проблематично е и што тестирањето на кандидатите е факултативно“, посочи претставникот на Сигма.
За Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации, нивните забелешки се многу слични како и тие на меѓународните експерти и најмногу се однесуваат на обезбедување дополнителни одредби во законот кои што ќе гарантираат независност во изборот на високите службеници и професионализација на овие работни места.
„Потребно е зацврстување на критериумите кој се може да биде член на комисиите на избор. Министерот ја составува комисијата и тоа решение веднаш алудира дека може да предложи кандидати кои што се наклонети на одреден избор. Во врска со скратувањето на листата од пет на три кандидати, треба да се предвиди и решение да мора да се избере прворангираниот кандидат, а не да се дозволи дискреционо одлучување на министерот или некој друг да избере еден од листата на кандидати. Имаме забелешки и во делот на поставување В.Д. раководители, на кои би требало по автоматизам да им прекинува мандатот по шест месеци. Доколку по овој период повторно треба се избере В.Д., а ако никој од вработените не ги исполнува условите, тогаш може да се донесе и од надвор што не е добро решение“, смета Филков.
Според Неда Малеска Сачмароска, извршна директорка на Центарот за управување со промени, се отвора дебата за законот кој се прави во широка консултативна група, а коментари за него се добиваат и од Европската Комисија.
„Ова законско решение треба да обезбеди да се надмине просечноста во именувањето на највисоките позиции кога без конкурентска постапка Владата одлучува кој ќе биде директор на институциите кои треба да ги кројат политиките. Ова решение нуди конкурентност, поголема транспарентност и отчетност, бидејќи јавните огласи ќе бидат објавени на едно централно место во Агенцијата за админстрација и заинтересираните кандидтати ќе имаат можност навремено да дознаат за овие позиции, што ќе значи дека именувањата и назначувањата нема да мора да дојдат само по политички пат, што е решение кое треба да се поздрави“, вели Малеска Сачмароска.



