Инфлуенсерите, влогерите, креаторите на содржина и јутјуберите треба да се регистрираат во АВМУ

Со измените на медиумската легислатива во јули 2023 година, за првпат официјално беше препознаено постоењето и влијанието на инфлуенсерите, влогерите, креаторите на содржини, јутјуберите, односно физичките лица кои се даватели на аудиовизуелни медиумски услуги по барање, велат од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ).

Оттаму објаснуваат дека oвие категории сега подлежат на регулација и имаат обврска да се регистрираат токму во АВМУ.

Обврската важи за оние инфлуенсери кои исполнуваат критериуми, како на пример аудиовизуелните медиумски услуги ги обезбедуваат преку платформи за видеа, на пример Јутјуб, Инстаграм, ТикТок и слично.

Тие треба да имаат 10.000 следбеници или претплатници, да остваруваат економски интерес од медиумската услуга и во последните 12 месеци да објавиле најмалку 24 аудиовизуелни содржини. Воедно, чија цел е да информираат, образуваат, забавуваат и за содржините имаат уредничка одговорност.

„Со оглед на тоа што станува збор за законска обврска, Агенцијата ги повикува сите инфлуенсери, влогери, креатори на содржини и јутјубери кои ги исполнуваат посочените критериуми, во најскоро можно време до Агенцијата да достават пријава за евидентирање во Регистарот“, соопштуваат оттаму.

Критериумите подетално се објаснети во Правилникот на Агенцијата со кој се уредува формата и содржината на пријавата за евидентирање во Регистарот.

„Сите релевантни документи поврзани со работењето и обврските на овие субјекти се достапни на веб страницата www.avmu.mk, во посебниот банер ‘Инфлуенсери/Влогери’. За дополнителни информации и појаснувања, заинтересираните субјекти можат да се обратат до Агенцијата на е-адресата influenseri@avmu.mk“, дополнуваат од АВМУ.

Радио МОФ веќе пишуваше дека храна, козметика, облека, разни скриени или нескриени реклами, сомнителни производи, но и голем број дезинформации и говор на омраза што доаѓаа од некои проблематични инфлуенсери ги натераа европските земји да ги регулираат највлијателните луѓе на социјалните мрежи, пред сѐ поради неможноста да се „филтрира“ она што стигнува до младите.

Оттука, во Македонија таков процес почна и АВМУ, во време кога инфлуенсерството зема замав и потребно е да се разграничи што е исправно да се пласира во интернет просторот, без притоа да се наруши медиумскиот плурализам.

Во море од штетни производи и дезинформации, следен чекор е регулација на македонските инфлуенсери

Како што претходно ни рекоа од АВМУ, целта на регулацијата е заштита на интересите на корисниците од штетни содржини, особено на малолетните лица.

„Главниот ризик на кој се изложени младите луѓе е што стануваат предмет на убедување од страна на омилените инфлуенсери, кои може се платени или имаат друг, затскриен мотив за споделување на информациите. Ова води до тоа децата да трошат пари на производ, игра или онлајн услуга која не им е потребна. Кога ќе подлежат на регулирање, ‘инфлуенсерите’ ќе бидат должни да почитуваат одредени правила и да бидат транспарентни при рекламирањето. Истовремено, тие ќе бидат предмет на регулирање и во однос на содржините кои се категоризирани како забранети или штетни (говор на омраза, порнографија, оружје, дискриминација итн)“, рекоа од АВМУ во 2023 година.

Земјите од Европа, пред сѐ од ЕУ, веќе неколку години работат на регулација на инфлуенсерите.  Во создавањето на регулативите на Унијата има неколку главни страни: Европската комисија и Парламентот со нивните директиви за дигитални услуги и заштита на податоци, но и Европската алијанса за стандарди за рекламирање (ЕАСА).

Регулацијата се наметна откако инфлуенсерите со својот неформален јазик станаа популарни кај младите. Некои имаат повеќе следачи дури и од професионалните медиуми. Тоа донесе и добра, и лоша страна. Добрата е брзиот проток на вести, подигнување на важни теми и активизам, а лошата е брзоплетоста на дел од инфлуенсерите при објавување непроверени информации и нудење сомнителни производи.

Затоа пример во Холандија има казни до 225.000 евра доколку инфлуенсерите со над 500.000 следбеници (Холандија има 17,5 милиони население) не се придржуваат до Кодексот на рекламирање и јасно не наведат дека содржината е спонзорирана. Казните во Франција од 2023 година се до 300.000 евра, па дури може и затворска казна, доколку не нагласат спонзорирана содржина.  И во Германија мора да се означи спозорството, дури и кога нема парична трансакција меѓу брендот и инфлуенсерот.

Во Белгија, инфлуенсерите се на исто ниво како медиумите кои се даватели на услуги и соодветно на тоа, тие треба комерцијалните објави да ги направат претпознатливи. Истовремено, тој што ги плаќа инфлуенсерите треба да се осигура дека тие јасно ги обелоденуваат информациите што ги презентираат пред јавноста и, притоа, ништо не затскриваат.

Во Чешка, Платформата за професионална комуникација – саморегулативно тело што ги покрива инфлуенсерите, агенциите и брендовите – креираше Кодекс на однесување. Кодексот и тука ги повикува инфлуенсерите да ја означат содржината како „спонзорирана“. Исто така, треба да ги почитуваат законите за производи како алкохол, тутун и коцкање, кои не смеат да се рекламираат од ниту едно лице кои има публика од над 25% малолетници.

Во Естонија, пак, освен што промоциите мора да бидат јасно означени, тука  воопшто не е дозволено рекламирање тутун или алкохол на личниот профил на инфлуенсерот.

Бојан Шашевски