Младите во забуна како да ги „сварат“ дезинформациите, ама и како самите да не станат дезинформатори

Дезинформации за бомби во училиштата, чипови во вакцините, авиони што прскаат отрови, за климатски промени што не постојат, производи што магично ја намалуваат дебелината… се шират изминативе неколку години и прават забуна кај младите, кои се ставени во положба да не знаат кому, колку и во што да веруваат. Не дека дезинформации немало и порано, кога повеќе се зборуваше за пропаганда, за лажни информации или вести, а во новинарството за „новинарска патка“ – но, денеска се’ повеќе говориме за дезинформации што младите се оставени сами на себе да ги мерат и премеруваат. Притоа, ставени се на тест како и самите да не станат дизинформатори кога споделуваат „ударна вест“ при обично скролање на телефонот. 

Ако одиме по дефиницијата дека дезинформации се информации создадени да не’ доведат во заблуда во однос на одредена личност, појава, настан, социјална група и да предизвикаат страв, несигурност или тага, тогаш младите веќе се на добар пат за нивно распознавање.

Така барем индицира нашата видео-анкета меѓу млади луѓе. Поголемиот дел тврдат дека се свесни за „провевот“ на дезинформации по разните медиуми и социјалните мрежи, а добар дел од нив се свесни и за нивното влијание.

Меѓутоа, ова не значи дека тие се заштитени. Младиот новинар на Мета.мк, Гоше Николов, кој преку емисијата „Зошто (не) е така“ пробува да разбие дилеми за митови и потенцијални дезинформации, вели дека дезинформациите ги демнат младите „од сите страни“.

„Ако земеме предвид дека младата популација е составена претежно од студенти и ученици, очекувана е претпоставката дека дезинформациите кои ги тангираат вклучуваат содржини поврзани со она што најмногу ги засега – нивното образование и образовните установи“, посочува Николов за Радио МОФ.

Николов потсетува на опасната дезинформација која на реален проблем  – недостаток на топла вода во студентскиот дом „Пелагонија“ – успеа да му додаде националистички примеси кои можеа да поттикнат етничка нетрпеливост.

„Попрецизно, преку коментар кој беше предмет на бројни реакции, се правеа обиди да се дезинформираат студентите дека наводно сите студенти-Албанци што престојуваат во овој студентски дом, се ослободени од плаќање, додека студентите-Македонци што не плаќаат ‘се бројат на прсти’. Брзата и кратка новинарска проверка покажа дека и двата наводи се неточни“, нагласува тој.

Дополнително, како новинар и медиум што ја разобличи дезинформацијата, биле мета на притисок и напад токму од лицата на чии страници на социјалните мрежи се ширеле овие дезинформации.

„Претходно, на Инстаграм и Фејсбук се споделуваше лажно известување во студентскиот дом ‘Стив Наумов’ кое дезинформираше дека наводно мензата во домот повеќе немало да работи за викенди. И во овој случај стануваше збор за лага. Она што загрижува е следново: замислете, некој посветил доволно време за да го напише лажното известување, да го залепи на видно место во домот и да го рашири преку апликации за пораки и социјални мрежи до сите студенти-станари“, посочува Николов.

Лажното известување, фото: студенти / извор: Мета.мк

Тој потсетува и во однос на темата „родова еднаквост“, која исто така доминираше во јавниот дискурс кога се актуелизираа измените на два закона – за родова еднаквост и за матична евиденција.

„Запрепастува податокот за успехот на манипулацијата дека, на пример, родовата еднаквост е зараза од која ќе настане, замислете, ‘хаос и уривање на државите’. Бројот на луѓе што ги прифаќаат ваквите манипулации како вистина е загрижувачки и затоа должност на секој професионален новинар и совесен човек, е да ги презентира фактите и вистината, не само на оваа, туку на секоја тема, со што ќе се придонесе кон разумно расудување и разликување на фактите од фикцијата“, забележува Николов.

Младата новинарка на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), Лила Караташева во јуни годинава ја обработуваше сторијата за чаеви за слабеење „трекс“ што се забранети во ЕУ, но се во слободна продажба во Македонија.

 

Дел од преписките на „Инстаграм“ помеѓу новинар од ИРЛ и Ема Хајровиќ која се претставува официјален претставник за чајот „Трекс“ во Македонија, извор: ИРЛ

ИРЛ утврди дека македонските институции, иако знаат за овие производи, не преземаат никакви мерки за да ги спречат овие појави, а пропуштиле и навремено да ги информираат и да ги предупредат граѓаните дека на интернет се продаваат популарни производи опасни по нивното здравје.

За Караташева нема сомнеж дека дезинформациите дефинитивно влијаат лошо врз новинарската работа. Најголем проблем е што многу често доаѓаат од институциите и тоа им штети и на приказните на кои работат.

„Се случувало една приказна да има повеќе продолженија во кои се објаснува дека првичните информации кои ни биле кажани од одредена институција се неточни или погрешни. Институциите треба да имаат одговорност и свест дека информациите се дистрибуираат до граѓаните и дека дезинформациите ги лишуваат граѓаните од нивното право да ја знаат вистината. Но, исто така, несериозен пристап имаат и партиите кои заради политички поени водат војни едни со други и го окупираат интернет просторот со препукувања, наместо со информации кои навистина се важни“, вели Караташева за Радио МОФ.

Според неа, денес е многу лесно лагата за кратко време да стане вистина. За тоа допринесуваат и портали што опстојуваат поради кликовите кои ги добиваат заради помпезните наслови и лажните вести.

„За жал, младите луѓе се’ уште не прават разлика меѓу релевантни медиуми и клик-бајт портали и константно се подложни на дезинформации“, посочува новинарката од ИРЛ.

Дезинформациите како нова реалност на социјалните мрежи

Пред да се појават дезинформации за војната во Украина и војната меѓу Израел и Хамас, пандемијата претходно донесе т.н. инфодемија, па при „скролање“ на Фејсбук можеа да се прочитаат наслови од типот: „Алкохолот го убива вирусот за неколку секунди“, „Вакцинацијата се врши да се уништи средната класа“, или има „Чудотворен лек против Ковид-19“.

Ваквата ситуација стана проблем и за самиот Фејсбук, кој влезе во фокусот на извештаите на ЊузГард, организација што мониторира дезинформации на интернет. Од септември 2021, ЊузГард поднесуваше извештаи до Светската здравствена организација, означувајќи ги социјалните мрежи и другите дигитални платформи кои ширеа невистини за Ковид-19.

Од друга страна, ребрендираната компанија Мета беше ставена во позиција да повторува дека отстранила повеќе од 20 милиони штетни содржини што ги прекршуваат нивните правила, идентификувани токму со извештајот на ЊузГард. Фејсбук ваквите појави во изминатите години ги решава и преку соработка со независни организации за проверка на факти, па означи 190 милиони објави како лажни.

И во Македонија постојат т.н. фактчекери, како на пример Вистиномер, задолжени за филтрирање и разобличување на дезинформации, со цел да помагаат при амортизирање на целиот процес и да креираат вештини на корисниците да препознаат од каде доаѓа информацијата, и како таа да се провери.

Одговорности во дигиталниот свет

При „скролање“ на екраните, се чини дека најмногу информации доаѓаат од онлајн медиумите, кои според домашниот Совет за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) се најпроблематични. Ланската 2022 година, дури 84,4% од жалбите се однесувале токму на онлајн медиумите, а потоа на телевизиите (6,7%), веб-страници на ТВ (5,4%) и на печатените медиуми (1,3%).

Според Билјана Георгиевска, извршна директорка на СЕММ, најчесто се прекршува членот број 1 од Кодексот на новинарите на Македонија.

„Скоро половина од пријавите во Советот се за прекршување на овој член, за непроверени или неточни информации, лажни, со или без намера, случајни или намерни грешки. Едноставно, занемарување на основното правило во новинарството за проверка на сите можни детали од една сторија“, потенцира Георгиевска за Радио МОФ.

Извор: Совет за етика во медиумите на Македонија

Пример за вести кои го пречекориле овој член, а се однесуваат на млади луѓе, таа потсетува кога онлајн медиум објави информација дека е „пронајдено исчезнатото девојче во соседна земја“, но после неколку денови Вања Ѓорчевска беше пронајдена мртва во околината на Скопје. Тоа беа деновиве кога МВР се’ уште трагаше по неа, па дезинформацијата внесе забуна кај целото население, кај родителите, но исто така влијаеше и кај младите.

„Неодамна имаше сличен случај кога се рашири вест дека две девојчиња во Чаир се сметаат за исчезнати. Тогаш имаше многу шпекулации, многу дезинформации и лажни вести околу нивното движење, причините за нивното исчезнување, па дури се калемеа и детали од нивниот приватен живот, што исто така е прекршување на Кодексот на новинарите и насоките за етичко известување во онлајн медиумите“, посочува Георгиевска.

Од друга страна, етиката и одговорното однесување не се потребни само од медиуми што создаваат новинарски производи во редакциските „кујни“, туку и од сите оние што пишуваат, комуницираат и се информираат преку слободната интернет зона. Корисниците на социјалните медиуми не можат да очекуваат одговорност, ако и самите се однесуваат неодговорно. Дигиталниот живот бара одговорност и од самите корисници на Фејсбук, Твитер, Инстаграм, ТикТок, блоговите… Се’ е тоа јавен простор.

Тоа го потврдуваат сите релеватни медиумски и комуникациски експерти. Тоа не е, и не треба да биде паралелен свет каде корисникот може да „истури“ фрустрации, да сее говор на омраза, да се заканува, или шири дезинформации. Секое зборче има „домино ефект“, таму некаде – влијае на некоја ситуација, личност, оформува мислење.

„Тоа е двонасочен процес. Прво, младите треба да бидат свесни што читаат. Да бидат критички кон тоа што читаат, да ги предизвикуваат информациите што ги гледаат. Да се прашаат ‘има ли логика дали е така’, или ќе речат ‘ајде да проверам од уште еден извор, покредибилен извор’ итн. Се разбира, важно е и она што го шеруваат. Тоа што ќе го видат и ќе биде ‘најлепливо’ за нивните прсти не значи дека е секогаш точно, или секогаш вредно за пренесување. Секој збор има своја тежина, затоа велиме дека живееме во време кога зборовите станаа средство за војување“, децидна е извршната директорка на СЕММ.

Што велат статистиките за начинот на информирање и дезинформирање? 

Истражувањето за довербата во медиумите, спроведено во рамки на меѓународниот проект „Отпор кон дезинформации и говор на омраза“, покажа дека во Македонија главен извор на информации е телевизијата (52%), а потоа се социјалните мрежи (25%), па онлајн медиумите (12%).

Слични резултати даде и ланското истражување на Метаморфозис, со тоа што таму беа издвоени и младите во групата што ги фаворизираат социјални мрежи. Паралелно, граѓаните генерално ги идентификуваа политичарите (91%), новинарите/медиумите (90%), социјалните медиуми (81%), па интернет порталите (78%) како главни извори на дезинформации.

„Најмногу дезинформации се среќаваат на социјалните мрежи. Дезинформациите најчесто се шират преку лични профили на политичари и инфлуенсери, а во време на пандемијата и преку ‘лични профили’ на лекари и медициски работници. Исто така, дезинформации се шират преку различни фејсбук-групи. Во оваа насока посебно беа посочени личниот профил на Гордана Гоџо од здружението ‘Од нас за нас’, профилот на Мајк Тајсон, претставник на Кју-движење во земјава, како и фејсбук-групата ‘Единствена Македонија’“, стои во документот на Метаморфозис.

Ланско истражување на Институтот за комуникациски студии (ИКС) исто така се фокусира на изворите на информирање и дезинформирање. Речиси половина од испитаниците ги карактеризираат политичките партии како најголеми дезинформатори во државата, а на второ место се медиумите.

Извор: Извештај од истражување на способноста на граѓаните за препознавање и справување со дезинформации / Институт за комуникациски студии

„Ставот дека политичките партии најмногу шират дезинформации доминира кај повеќе од половината од популацијата над 55-годишна возраст. Од друга страна, пак, најчест одговор кај младите е дека тоа го прават медиумите (39%), иако често се споменуваат и политичките партии (34%)“, стои во истражувањето.

Кога се работи за теми поврзани со климатските промени и животната средина, поголем дел граѓани не подлежат на дезинформации. Но, граѓаните се поделени во врска со нивните ставови за теориите на заговор поврзани со Европската Унија. Па така, разликата помеѓу оние што се согласуваат дека ЕУ ги измислила вакцините за време на коронавирусот како механизам за контрола на граѓаните и оние што не се согласуваат со тоа е незначителна. Исто така, нема поголеми разлики помеѓу оние што се согласуваат или не се согласуваат дека мигрантите ќе ја уништат европската цивилизација и дека ЕУ сака од Македонија да направи камп за мигранти.

Бојан Шашевски и Ангела Бошкоска
Техничка обработка: Мартин Колоски

Продолжува…

*Вториот и третиот дел од серијалот теми за дезинформации може да се прочитаат ТУКА и ТУКА.
**Сторијата е изработена од Радио МОФ во соработка со Институтот за комуникациски студии во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада во Скопје.