Со ПМ честичките внесуваме и многу други токсини, предупредува професорот Стафилов

Македонија е најзагадената земја во Европа, покажува мапата на Европската агенција за животна средина, која го следи индексот на квалитет на воздухот во сите европски земји. Македонија, според концентрациите на ПМ2,5 е во најлошата категорија со екстремно високо загадување на воздухот, со концентрации неколку пати над максимално дозволените од 25 микрограми на кубен метар. Земјава минатата година била на 59 место од 180 земји во светот според индексот за перформанси во животната средина, но затоа пак се нашла на 128 место, според состојбата со загадувањето на воздухот, пренесува агенцијата Мета.мк.

Загадувањето со цврсти честички во земјава, според професорот од Институтот за хемија, Трајче Стафилов, доаѓа од согорувањето на нафта, деривати и јаглени. Честичките помали од 2,5 микрометри се најопасни бидејќи влегуваат во белите дробови, а тоа што ги прави уште поопасни е фактот дека заради нивната порозна структура и апсорпциони својства, тие внесуваат и други токсини во човековиот организам.

„Од 2002 година на секои пет години вршиме истражувања на загадувањето на воздухот, особено во регионите каде што има историско индустриско загадување преку биомониторинг со мовови со земање на мостри од истите места за да ги следиме трендовите. Се испитуваат присуствата на кадмиум, олово, цинк кои се резултат на работата на велешката Топилница, рудниците во источниот дел од земјата, Југохром и Макстил. Можеме да потврдиме дека загадувањето кое сме го нотирале на почетокот на истражувањето го имаше и во 2020 година. Примероци земавме и годинава и се анализираат во моментов, но не очекуваме големи промени“, рече Стафилов на научна трибина организирана од Македонското еколошко друштво.

Фото: Мета.мк

Tој посочи дека состојбата со загадувањето во Велес е непроменета повеќе од две децении заради тоа што депонијата со троска се уште стои на отворено, без никаква заштита, а опасните материи слободно се разнесуваат во воздухот, почвата и подземните води, а слично е и со депонијата на фосфогипс на ХИВ Велес која стои на отворено, иако покажува зголемена радиоактивност.

„Истражувањата на прашините од поткровјата на велешките куќи покажаа извонредно високи вредности на тешки метали како кадмиум, олово, цинк, арсен, индиум… Оловото и цинкот во прашината што ја дишеле луѓето се движеа дури и во проценти. Кога го објавивме, нашиот труд беше многу често цитиран како најлош пример за загадување“, вели Стафилов.

Еден од најголемите загадувачи во земјава, отпадот со линдан, го има во две депонии во ОХИС и една во Пеленица. Сузана Андоновска од Канцеларијата на ПОПс во Министерството за животна средина вели дека за производство на 10 отсто линдан, останувал 90 отсто нус производ, закопан во овие депонии.

„Неразградливите органски загадувачи се движат на големи растојанија и се откриени дури и на места каде што никогаш не биле произведени, како што е Арктикот, тие влегуваат и во синџирот на исхрана, а се таложат во масните ткива и можат да предизвикаат различни болести меѓу кои и карцином“, посочи Андоновска.

Чистењето на малата депонија со линдан во ОХИС започна во септермври 2021 година, а досега се транспортирани и уништени 1.932 тони високо концентриран HCH отпад и 586 тони почва контаминирана со HCH изомери. Собраниот линдан е транспортиран и уништен во Треди во Франција, додека почвата контаминирана со HCH се транспортира во постројката Индавер во Германија. Во моментов не се работи на малата депонија, бидејќи се чека да се соберат доволно средства за да се дочисти. Во големата депонија се претпоставува дека дека има околу 50.000 тони линдан, а во Пеленица кај Драчево околу 40.000 тони чист HCH и уште 6.500 тони мешан, заедно со отпад од фабрика за стакло.