Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски и неговата претходничка Данела Арсовска се меѓу функционерите кои по завршувањето на локалните избори пред два месеци не ја пријавиле својата имотна состојба, констатира Државната комисија за спречување на корупцијата.
Ѓорѓиевски е меѓу 19 новоименувани градоначалници кои не ја испочитувале обврска, во рок од 30 дена од денот на изборот, да поднесат изјава за имотна состојба и интереси. На оваа листа се и неговите колеги од Бител, Дарко Костовски, од Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, од Кислеа Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, од Шуто Оризари, Курто Дудуш, како и новите градоначалници на Виница, Кичево, Крушево, Струга, Гевгелија, Кратово, Новаци, Пехчево, Сопиште, Штип, Арачиново, Желино, Липково и Чашка.
ДКСК информира дека во законскиот рок пријавите за имотот, покрај Арсовска, не ги доставиле ниту поранешните градоначалници на Битола, Боговиње, Бутел, Гевгелија, Градско, Дебрца, Дојран, Долнени, Ѓорче Петров, Желино, Зелениково, Илинден, Кавадарци, Карпош, Кисела Вода, Кочани, Кратово, Липково, Македонска Каменица, Неготино, Новаци, Петровец, Пехчево, Пласница, Пробиштип, Радовиш, Ранковце, Струмица, Студеничани, Теарце, Чашка, Чучер-Сандево, Штип и Шуто Оризари.
„Според членот 82 сите избрани градоначалници на локалните избори 2025 година имаат обврска, најдоцна во рок од 30 дена од денот на изборот, да поднесат изјава за имотна состојба и интереси. Исто така, по престанокот на функцијата градоначалник, истите имаат обврска да поднесат изјава за имотна состојба. ДКСК изврши проверка во регистерот на имотна состојба и интереси и констатира дека 35 лица по престанок на функцијата градоначалник, немаат поднесено изјава за имотна состојба и интереси и 19 лица по изборот на функцијата немаат поднесено изјава за кои ќе иницира постапки согласно закон, со издавање прекршочен платен налог“, се вели во соопштението од ДКСК.



