Како ќе се одвива културата во МКЦ, но и надвор од него за време на изборите?

Случајот со МКЦ, каде новиот директор Арбен Шаќири им ги прекина договорите на 30 хонорарци, донесе реакции и неизвесност за тоа како ќе се одвива културниот живот во овој Центар, но и воопшто надвор од него, бидејќи остануваат одредени нејаснотии и недоумници за тоа што значат и како се спроведуваат препораките на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) во изборниот период.

Радио МОФ изминативе денови проба да стапи во контакт со повеќе културни јавни институции, било да се национални, или под капата на Град Скопје, за да видиме каква е таму ситуацијата.

Меѓу ретките што се одзваа беше Симона Угриновска, в.д. директорка на Македонскиот народен театар (МНТ). Таа вели дека досега не добиле официјално соопштение од ДКСК, истовремено тие како театар со буџетските средства работат според годишна програма.

„Тоа значи, пример, сме добиле три проекти, а за тие три проекти сме приложиле во апликација кои ќе бидат надворешни соработници. Е, сега, во нашиов случај, може да дојде до промена кога се откажува еден режисер и доаѓа друг. Ние не смееме парите што се предвидени за еден режисер, а остануваат на институцијата, тие пари во овој изборен период да бараме друг режисер и да склучуваме договори со други соработници, затоа што тоа на некој начин, грубо кажано, би било ‘поткуп’. Односно, се наградува друг режисер, му се доделуваат нему средства. Во тој смисол, ние не смееме да располагаме со буџетските средства надвор од програмата на Министерството за култура. Не можеме да бараме замена, додека не поминат изборите“, посочува Угриновска, дополнувајќи дека ова за нив како национална институција важело и во претходните избори.

Од друга страна, за нејзе останува нејасно по кој основ не им се продолжени договорите на 30 хонорарци во МКЦ, што значи дека нема да се ангажираат лица за предавање во Планетариумот, технички лица и организатори на настани, бифето беше затворено, а затворена е и култната продавница „Ап(о)тека“. Со ова, МКЦ е практично преполовен со персонал и повеќе активности висат во воздух.

„Кога се случи ова со МКЦ, јас секаде се испојавив, прашав нешто ново да не има? Единствено од ДКСК имаше образец за користење на движни и недвижни ствари во државна сопственост. Ние тоа го направивме. Но, не знам како може да се запираат активности, културата во некоја институција поради договори на дело?“, прашува таа.

Таа дополнува, нивните места во МНТ што се пополнети со договорци на дело се оние што во тековната година им се побарани како вработувања, а не им биле овозможени од Министерство за финансии.

„Затоа ни се дозволени со документ од Министерството за култура, но не ги плаќаме од буџетски, туку од сопствени средства. Така чинам беше и во МКЦ, ги плаќаат од сопствен приход? Тие сепак се институција под Град Скопје, можеби таму важат други правила, но, сепак, не им се ова први избори. Плус, не може пола држава да запре поради изборите. Не само културата, што би се случувало со здравството, каде има многу хонорарци? Да бидеме реални, изборите не траат до 8 мај, туку се чекаат две недели жалби, па течат процеси…“, посочува Угриновска.

Од НУ Драмски театар во Скопје кратко одговараат дека до нивната установа не е пристигнато офијално известување од ДКСК за законитоста на користењето и располагањето со буџетските средства во изборниот период. Не коментираа околу хонорарците, дали постојат такви договори и како нивното прекинување би влијаело на работата на институцијата.

И во НУ Турски театар нема стигнато известување од ДКСК, барем досега. Во однос на  хонорарците, во моментот немаат вработено такви лица, но посочуваат: „во иднина секако дека ја отежнува тековната работа на институцијата“.

„Што се однесува до средствата за годишната програма предвидени и јавно објавени од страна на Министерството за култура за оваа година се многу многу малку, со кои дополнително ни е отежната тековната работа, за кои во моментов се прават планови за реализација на предвидените проекти“, велат од Турски театар.

Од културните институции што се под Град Скопје засега на нашите прашања се одзва Културниот информативен центар (КИЦ). Тамошниот директор, Тони Димитров, посочува дека КИЦ нема редовни хонорарци.

„Ние немаме наш приход, па според тоа за сега се ангажираат луѓе на проект т.е. кога имаме зголемен обем на работа (фестивал и сл.) и кога имаме средства, а не месечно како што е случај со установите кои имаат приход. Затоа ова прашање за нас не е толку релевантно, иако, морам да потенцирам дека ни недостасува кадар. Но, се манифестира на ниво на реализација на програмата т.е. склучување на договори и исплата на авторски хонорари на уметниците (ликовни уметници, писатели, музичари) кои учествуваат во самата програма. Тоа се мали хонорари за реализација на изложби, концерти и промоции на книги и слични литератуни настани, а се дел од годишната програма на КИЦ одобрена од страна на Советот и селектирана на конкурс“, посочува Димитров.

Воедно, тој вели дека препораката од ДКСК пристигна, но проблемот е што препораката секој (може да) ја толкува различно.

„Факт е дека буџетот беше изгласан во декември, а програмата за установите во јануари, но до нас беше испратена на 13 февруари, а изборниот процес започна на 14. Потоа ние пуштивме конкурс за учество во програмата, а врз основа на селекцијата треба да се потпишат договорите со уметниците. Е тука доаѓаме до дилемата на која никој нема одговор: дали воопшто може да се исплаќаат хонорарите на учесниците во програмата, иако таа е донесена пред започнувањето на изборите?“, прашува тој.

Од друга страна, вели Димитров, од ова прашање им зависи и реализацијата на вонпрограмската дејност т.е. издавањето на Салонот и галериите за вонпрограмски настани, што е единствениот основен приход на установата.

„Така што дефинитивно, се’ ова негативно ќе влијае  на одржливоста и воопшто функционирањето на установата, не само финансиски, туку и програмски. Ние, како и другите јавни установи, се обративме со конкретно прашање до ДКСК, но до сега одговор не добивме како да постапиме по однос на дилемата. Од службите на Градот исто така немаме насоки, иако ние како градска установа не можеме да делуваме автономно и без координација со Градот“, посочува Димитров.

Што се случи досега со МКЦ?

Откако на 30 хонорарци не им беа продолжени договорите, новиот директор на МКЦ Арбен Шаќири во дописот до јавноста својата одлука ја темелеше од препораките на ДКСК и Изборниот законик, членот 8-а.

Шаќири: Нема откажани настани, МКЦ останува отворен, а хонорарците се враќаат по изборите

„Не станува збор за своеволна еднострана одлука за прекин на договори, туку се работи исклучиво за придржување и почитување на законските прописи согласно Изборниот законик кој стапува на сила од денот на распишување на претседателските и парламентарните избори 2024 година“, соопшти Шаќири.

Според него, веднаш по завршување на изборите и во моментот кога ќе дозволат законите, хонорарците што се неопходни за редовно функционирање на МКЦ повторно ќе бидат вработени.

„Во тој контекст нагласуваме дека ниту еден настан од програмата и според предходно потпишаните договори не е откажан. Исто така нагласуваме дека се работи за инсинуација дека на МКЦ е ставен клуч со што ги отфрламе сите обвинувања дека МКЦ не работи. МКЦ е и останува институција отворена за сите“, соопшти Шаќири.

Од друга страна, Драмското студио ДКЦ, кое функционира во просториите на МКЦ, пред неколку денови се пожали дека со одлуката се прекинува нивната едукативна програма, на штета на нивните ученици. Вработени во МКЦ, пак, одлуката ја окарактеризираа како еднострана и неоснована, уште повеќе штетна за институцијата која ако не работи во наредните неколку месеци, ќе се нанесе непоправлива штета на долг рок.

На 30 хонорарци им се прекинати договорите во МКЦ, работата на Центарот неизвесна

Последно е дека, откако одржаа состанок со синдикалната организација, од МКЦ испратија барање до повеќе институции за нова препорака за работа. Барањето го аргументираа со тоа што откако се консултирале со правници, констатирале дека согласно Законот за сметководство за буџетите и буџетските корисници, установата има право да врши исплати од сопствени приходи и во изборен циклус.

„Од овие законски одредби јасно произлегува дистинкцијата помеѓу доделените буџетски средства и приходите од самофинансирачки активности (сопствени приходи) со кои институцијата слободно може да располага заради остварување на своите активности и генерирање дополнителни приходи дури и по донесување на одлуката за распишување на избори, нешто што го има вршено и МКЦ преку ангажирањето лица по договори за дело заради функционирањето на Киното Милениум, Планетариумот, Бифето и слично“, стои во дописот на Синдикалната организација (СО) на МКЦ, повикувајќи се и на Уставниот суд, кој во 2017 година ја укинал забраната за располагање со буџетски средства за време на изборен процес зашто утврдил дека законодавецот во ниту еден закон не го дефинирал поимот „располагање со буџетски средства“.

Синдикалците на МКЦ: Забраната за изборите не важи ако хонорарците се исплаќаат од сопствен приход, институциите итно да реагираат за да може МКЦ да функционира

Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) исто така се јави со допис, сличен како тој на СО на МКЦ.

Според синдикалците, во случајот со МКЦ каде е отежнато функционирањето на институцијата, одредени законски одредби или не се земени предвид, или истите погрешно се протолкувани, а кои треба да доведат до сосема поинаква препорака за работа.

Синдикатот на културата реагира за случајот со МКЦ: И во изборен процес треба да имаме живот и култура

„Заради избегнување далекусежни последици по Младинскиот културен центар кои може да се рефлектираат како целосно замирање на културно – забавниот живот на младите, кратење на можноста да извршување на редовните активнисти и обезбедување средства од овие активности, како и обезбедување минимална егзистенција за физичките лица кои веќе повеќе години се ангажирани врз основа на договори за дело, бараме Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) да издаде нова препорака до директорот каде ќе биде наведено дека Младинскиот културен центар Скопје има право да ги користи средствата обезбедени од сопствени приходи согласно свое наоѓање, односно за континуирано вршење на сопствените програмски активности и за време на предизборието, затоа што животот и за време на избори сепак тече“, стои во реакцијата на Синдикатот на културата.

За случувањата во МКЦ, ДКСК најави отворање предмет за утврдување на фактичката состојба и носење соодветна одлука. Засега од таму не излегуваат со јавни детали или конкретни нови препораки и информации.

Бојан Шашевски