Европскиот шампион Петар Мијалков доби меѓународно признание во Молдавија

Македонскиот европски шампион во мотоциклизам, Петар Мијалков, продолжи со признанијата надвор од границите на државата. За неговиот успех и освојувањето на титулата во БМУ Европскиот шампионат, Мијалков доби специјална плакета за остварени спортски резултати во Молдавија.

„Тој во Молдавија пристигна на 13 декември, каде што беше пречекан со високи почести и богата програма, достојна за европски шампион. Во текот на посетата, Петар присуствуваше на повеќе свечени настани, а имаше можност и одблиску да се запознае со молдавската култура, меѓу кои и учество во традиционално молдавско оро – момент кој дополнително ја зацврсти симболиката на спортското поврзување меѓу народите“, велат од тимот на Мијалков.

Свеченото врачување на плакетата се одржа во салата „Каса Алба“ во градот Унгени, каде што признанието лично му го предаде претседателот на Турската мото федерација, Хакан Ертан Пеливан. Мијалков по при примањето на наградата испрати порака за трудот, успехот и претставувањето на Македонија на европската и меѓународната спортска сцена.

„Покрај официјалните обврски, европскиот шампион ја искористи службената посета за да прошета низ неколку молдавски градови и да ужива во културните и природните убавини што ги нуди оваа земја. Признанието од Молдавија е уште една потврда дека спортските успеси на Петар Мијалков одамна ги надминаа националните рамки, а неговата приказна продолжува да инспирира – како во Македонија, така и пошироко низ Европа“, соопштуваат од тимот.