Јавниот превоз ќе се зајакне со 55 автобуси од приватниците, дел од нив сѐ уште се со странски таблички

Педесет и пет нови автобуси од приватни превозници  од понеделник ќе влезат во автобускиот превоз на Скопје, а до крајот на годината тој број ќе се зголеми за уште 20, најави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски. Иако е нејасно дали институциите ќе стигнат на време да ги поминат сите законски процедури, Ѓорѓиевски вчера ги промовираше автобусите, од кои повеќето сè уште се со странски таблички. Во следниот период тие ќе треба да го поминат процесот на увоз и регистрација и да ги добијат потребните лиценци за да се вклучат во сообраќај. Ѓорѓиевски не прецизираше дали има потпишано договор со приватниците и кога Советот ќе донесе одлука за тие да можат легално да возат, но рече дека на многу приватни превозници во изминатиот период не им биле потпишувани лиценците, што наводно е причината зошто граѓаните мораа да чекаат со часови на постојките, пренесува агенцијата Мета.мк.

„На секоја линија имаше недостаток на возила, а чекањето на станиците често беше и долго и  неизвесно. Тие аномалии ќе се надминат. Дел од линиите ќе бидат комбинирани со автобуси од ЈСП, а дел ќе преземат само приватните“, рече Ѓорѓиевски и најави дека на почетокот на идната година ќе стигнат и нови 80 автобуси од владата.

„Дополнитено ќе се провери и возниот ред, кој не е променет со години и не соодвествува на потребите на граѓаните. Има линии што ќе се сменат, некои ќе се дополнат, а некаде ќе се намали бројот на возила“, посочи тој и додаде дека очекува институциите да испитаат зошто голем број нови автобуси на ЈСП биле расклопувани за резервни делови.

Јовица Зафировски, претставник на приватните превозници истакна дека тие се важен дел од превозот во Скопје.

„Имаме еколошки автобuси кои можат да одговорат на потребите. Ја почнуваме соработка со градоначалникот Ѓорѓиевски, воведуваме дополнителни автобуси, а ќе работиме и на промена на возниот ред за да се одговори на потребите на граѓаните, кој ќе се почитува, а граѓаните ќе можат да сметаат дека автобусите ќе сообраќаат онака како што ќе пишува на таблите“, рече Зафировски. Тој посочи дека долгот на Градот Скопје кон приватниците изнесува над 170 милиони денари.

Фото: Мета.мк

Ѓорѓиевски рече дека Градот Скопје има 40 милиони денари на сметка, а јавните претпријатија имаат и сериозни долгови, но дека ќе направи напор редовно да ги исплатува обврските кон приватниците. Паралелно, рече ќе се прават и ревизии како и за што се потрошени парите од буџетот.

До денеска новиот градоначалник од работа отстранил 398 лица, а вели бројката веројатно ќе оди и до 500, кои најави дека ќе ги објави со име и преиме. За нив, посочува, годишно се одвојувале и по 5 милиони евра за плати, а тие не доаѓале на работа или пак, ја злоупотребувале положбата и правеле криминал. Најголем дел од избрканите, 170, се од јавните претпријатија Паркови и зеленило и Комунална хигиена, а од другите претпријатија бројката е помала. Меѓу избрканите има и работници и раководители.

„Комунална хигиена вчера имаше 16 камиони, а денеска се оспособени 40. до пред некој ден немаше ниту една метлачка, а сега има 8“, вели Ѓорѓиевски.

Тој најави дека инспекторите ќе вршат засилени контроли низ општините, а ако им се појавуваат нови диви депонии ќе бидат и тие казнувани.