Отворен првиот Центар за социјална инклузија „Дренак“

Во скопската општина Кисела Вода беше отворен првиот Центар за социјална инклузија „Дренак“, како дел од активностите на Здружението на граѓани „Љубезност“.

Центарот се наоѓа на улица „Дренак“ 34-a, а како што што велат од „Љубезност“, тој ќе овозможи пристап до психолошки, социјални и правни услуги, како и окупациона терапија, со цел поддршка во ресоцијализацијата и реинтеграцијата на често заборавените граѓани во нашето општество.

„Дренак“ претставува сегмент од поширокиот регионален проект „ComeHome – Справување со бездомништвото во Западен Балкан“, кој се реализира во периодот од 1 октомври 2024 до 30 септември 2026 година и има цел да допре до најмалку 4.000 лица во Скопје и Белград. Локални партнери на „Љубезност“ се „Ромскиот ресурсен центар“ за Прилеп и „Сонце“ за Тетово.

„Отворањето на овој Центар за социјална инклузија тука во Скопјe е клучен столб на регионалниот проект и важен чекор напред кон одржливо обезбедување на сеопфатни услуги за инклузија за бездомни лица во Северна Македонија и пошироко“, рече Матијас Хуменбергер, заменик-амбасадор во Австриската амбасада во Скопје.

Метин Лимани од Министерството за за социјална политика, демографија и млади потенцираше дека тие се посветени на изнаоѓање соодветни модели преку кои може да се подобри препознавањето, евидентирањето и домувањето на бездомните, и лицата во ризик од бездомништво.

„Постои желба и се работи во насока на редефинирање на тековната состојба и зголемување на социјалните услуги кои им се потребни на бездомните лица. Ние идентификуваме потреба од повеќе граѓански организации кои ќе се лиценцираат за даватели на социјални услуги за да го поддржат состемот на социјална заштита. Тоа би значело поблиски услуги до корисниците, но и поголема меѓусебна соработка во подобрување на квалитетот на живот на корисниците“, посочи Лимани.

Харалд Бреза-Фугер, аташе за социјални работи на Австриската амбасада во Македонија нагласи:

„Животот на улица, без струја, без вода, често немање доволно храна и живот во екстремна сиромаштија, без можност да се купат чевли или да се задоволат потребите на децата се дел од проблемите кои проектот ‘ComHome’ ги адресира и дава поддршка да се надминат. Ова е директен придонес кон прекинување на генерацискиот круг на сиромаштијата преку инвестиција различни услуги за  социјална инклузија. За да се постигне долгорочен ефект би сакале да видиме системско вклучување на развиените услуги во овој проект во рамки на тековниот, официјален систем на социјална заштита во државата, но и нивно финансирање од националниот буџет“, нагласи тој.

Марсел Вагнер, директор на АДРА Австрија, рече дека покрај што се координатори на овој проект, се работи за мрежа од 120 канцеларии ширум светот и имаат големо искуство во проекти поврзани со социјални услуги и бездомништво.

„Овие проекти не само што ја поддржуваат партнерската работа и директно им помагаат на луѓето во ризик во опфатените земји, туку истовремено придонесуваат преку знаења, искуства и добри пракси од Австрија кои може да се адаптираат и применат на локално ниво. Со тоа организациите растат и може да ги формализираат услугите во рамки на системот за социјална заштита“, рече ттој.

Инаку, регионален проект „ComeHome – Справување со бездомништвото во Западен Балкан“, Здружението „Љубезност“ го спроведува во партнерство со „АДРА Австрија“ и „АДРА Србија“ и е финансиран со поддршка од Сојузното Министерство за труд, социјални работи, здравство, грижа и заштита на потрошувачите на Република Австрија.

Со отворањето на „Дренак“ се одбележаа и 10 години од работењето на „Љубезност

Здружението „Љубезност“ со настанот за отворањето на Центарот, прослави и една деценија од своето работење.

„Во изминатите десет години, преку своите членови, „Љубезност“ секојдневно е присутна на терен – до бездомните и лицата во ризик од бездомништво, обезбедувајќи информирање, застапување, придружба во постапки за социјална заштита, поддршка на жртви на семејно насилство, посредување при добивање документи, пристап до здравствена заштита и можности за вработување. Организацијата континуирано го следи напредокот на корисниците, ги идентификува нивните идни потреби и развива иновативни модели за домување и личен развој“, нагласуваат од „Љубезност“.

Тони Станковски, претседател на „Љубезност“ посочи:

„Во изминативе години иградивме мрежа на пријатели и поддржувачи (институции, компании, образовни и здравствени установи, црковни заедници, индивидуалци и други) со кои тесно соработуваме и тоа ни помага постојано да ја остваруваме нашата мисија – помош и поддршка на бездомните и социјално загрозените лице. Среќен сум што имам тим кој безрезервно се вложува во работата и помага нашите проекти да допрат до оние на кои тоа им е најпотребно“, рече Станковски.

Фото: Љубезност
Бојан Шашевски