Националното студентско тело испрати барање до Министерството за образование и наука (МОН) и Управата за јавни приходи (УЈП) за разграничување на поимот „приход“ од „прилив“ при примената на мерката субвенциониран студентски оброк.
„Имено, согласно член 9, став 1 од Законот за субвенциониран студенски оброк, покрај сите услови, студентите не треба да имаат месечен приход по кој било основ, поголем од минималната нето плата во републиката за тековната година. Во пракса, при обработка на пријавите за користење на оваа мерка, се појавува проблем во толкувањето и примената на поимот ‘приход’, бидејќи институциите користат податоци за ‘приливи’ на трансакциските сметки на студентите, без да се направи разграничување меѓу овие два поими“, забележува Националното студентско тело.
Како резултат на ова, реагираат, повеќе студенти се одбивани да добијат субвенциониран студентски оброк, бидејќи имале приливи како на пример семејни трансфери, уплати за кирија и слично, кои, како што велат, не претставуваат реален приход. Односно, во смисла на остварен приход по основ на работа, деловна активност или договор на дело.
„Постојат примери од праксата. Бројни студенти кои добиваат финансиска поддршка од своите родители, како на пример пренос на средства за плаќање на кирија, на сметка итн – се евидентирани од УЈП како лица со прилив поголем од минималната плата. И покрај што овие приливи не претставуваат приход, во смисла на остварена заработка, студентите се одбиени како корисници за студентскиот оброк“, реагира Националното студентско тело.
View this post on Instagram
Студентите дадоа и правна и фискална аргументација. Во финансиската терминологија и според Законот за личен доход, како што посочуваат, „приход“ претставува заработка, надомест или парично примање по основ на труд, самостојна дејност, авторски договор, капитал или друг законски извор на доход.
„Од друга страна, ‘прилив’ претставува секое примање средства на трансакциската сметка, без оглед на изворот и природата, вклучително и нефискални трансакции меѓу физички лица. Поради тоа и задржувањето на прилив со приход претставува погрешна примена на законот, што доведодува до неоправдано ускратување на правото на студентите за користење на оваа мерка“, потенцираат студентските претставници.
Оттука, бараат УЈП кога ќе доставуваат податоци до МОН да врши разграничување на приходите од приливите.
„Ова барање има за цел да обезбеди еднаква и правична примена на законот, со што нема да се дискриминираат студенти кои не остваруваат реален приход, туку добиваат семејна и нефискална финансиска поддршка. Како Национално студентско тело ја имаме должноста да укажеме на ваквите системски пропусти и да побараме нивна корекција во насока на поголема правна сигурност и социјална заштита на студентите. Со правилна примена на законот, ќе се овозможи вистинската цел на мерката – финансиската поддршка на студентите во текот на студирањето да се реализира без административни неправди“, велат од Националното студентско тело.
Бојан Шашевски