До кандидатите за градоначалници. Луѓе, мислете и на младите и воопшто лицата со атипичен развој. Секое лице, без разлика на својата состојба / попреченост, има потреба да се дружи, да се социјализира, но и да се развива и да учи некоја вештина – било да е тоа цртање, пишување, шиење, готвење, свирење гитара, менување сијалица итн.
Сѐ ова, помалку или повеќе, може да го прави во Дневен центар.
Но, во Македонија недостасуваат дневни центри, каде лицата со атипичен развој ќе им се овозможи простор за да се самореализираат. Да бидат свои, отворени, поттикнати, спонтани, ангажирани. Било што-и-да-е. Бидејќи треба и околината, ама и себеси да се препознаат како активни чинители. Не само личности на кои им се „дава шанса“, за да се осетиме подобро и после накај дома да заборавиме, туку самите да ги остваруваат своите особености и потенцијали.
Наместо лажно да ги хиперболизираме кампањски, или да им даваме сожалување, или да ги ставаме „под тепих“, или пак да ги „штиклираме“ во графата како социјални случаи – да им овозможиме да прават, можат, бидат. Да можат таму да останат и цел ден, ако треба некогаш и да преноќат, да се осеќаат како дома. За да се слободни!
Да бидат и меѓу типични и нетипични, истовремено. Да учат едни од други. Да се инклудираат и споделуваат сѐ и сешто. Да живеат заедно. Да растат пошироки. За потоа да дадат за сите нас – повеќе. Да ги прават другите луѓе – подобри луѓе!
Дневните центри можат да функционираат по повеќе модели, дење и ноќе, пример и како социо-културни центри. Воедно во Македонија постојат групи луѓе, организации, активисти, ентузијасти и едукатори кои би можеле да бидат јадрото на таквите центри. Да се фокусираат на младите / лицата што ќе престојуваат во центрите. Да буткаат и организираат програма и активности, не „ради реда“ кампањски или проектно, туку зашто сакаат и зошто треба. Има такви луѓе, верувам, знам!
Тие да имаат покрив над главата, да имаат обезбедено комуналии, буџет за програма и буџет за ментори / едукатори што ќе бидат со тие лица, деца и млади.
Плус, постојат безброј напуштени простори кои да им се даде намена и смисла. Зјаат на секој чекор! Може да се исчистат, освежат, ревитализираат и да се направат функционални – за да прераснат во дневни центри. Што да не?! Ајде!
Дополнително, не се работи овде само за младите / лицата со атипичен развој што ќе бидат во тие центри. Така и нивните семејства ќе имаат огромни бенефити. Без разлика дали се во брак или разведни, или самохрани – на сите родители им треба поддршка и оддишка. Неколку часови во денот, ама и подолго, во повеќе смени. Така ќе можат да завршат основни работи, да излезат, да отидат до кино и театар, да имаат време за себе, да се наспијат… Им треба, верувајте! За да можат после да бидат свежи и функционални, и за себе, и за нивното дете, и за општеството. Тоа е цел круг. Добивка за сите!
Дневните центри би значеле многу. Не зборувам на памет, знам. А, може локалната самоуправа да ги направи во соработка со граѓаните, со организациите, во корелација и со надлеженостите од други институции како Здравство, Образование, Труд…
Решливо е, само треба простор и луѓе и основни активности.
Толку.
Бојан Шашевски