Вклучување на лицата со атипичен развој во спортот беше повод за денешната средба на охридските маратонци со учесниците на пливачкиот камп при Inclusive Wellness Society, кој викендов во организација на спортското друштво ИТК Македонија се одржува во Љубаништа. Идејата е да се мотивираат сите млади, особено оние со атипичен развој да се интегрираат и социјализираат преку спортот. Маратонците Евгениј Поп Ацев и Александар Илиевски ги пречекаа младите кампери, се дружеа и фотографираа со нив и на крај се упатија кон стартот на Охридскиот пливачки маратон.
Трката ја посветија за поддршка на интеграцијата и социјализацијата на лицата со атипичен развој во спортот, мотивирајќи ги камперите да продолжат да се занимаваат со пливање. Поканата од ИТК Македонија Поп Ацев вели дека ја прифатил со задоволство затоа што му овозможува да се дружи и запознае со кампери кои искрено го сакаат спортот.
„Добро сум запознаен со активностите и визија за развиток на спортот кај лицата со атипичен развој на ИТК Македонија и мотивацијата што ја шират во овие кругови. Очигледно е дека нивниот ангажман дава резултати и интересот за спорт кај оваа група на луѓе од ден на ден расте. Општеството отвора се поголеми можности за тие да го најдат своето место во заедницата. Го поздравувам Инклузивниот пливачки камп и сите останати активности во него и посакувам ова да стане традиција“, речеПоп Ацев, кој во 2015 година на 29. Охридски маратон стана првиот македонски победник на оваа трка.
Илиевски ја истакна важноста на индивидуалниот влог за вклучување во спортски активности.
„Среќен сум кога поединци вложуваат труд и време во вакви активности кои ги уриваат социјалните бариерите. Секој еден заслужува да биде прифатен и да може без било какви опструкции да се бави со спорт и рекреација. Поздрав до целата екипа на ИТК Македонија и им посакувам уште многу вакви настани во иднина“, изјави тој пред почетокот на Охридскиот пливачки маратон.
Inclusive Wellness Society е активност која се одржува од 25ти до 28ми Август 2023 година во Љубаништа. Проектот е поддржана од EU Civil Resilience Mechanism и Европската Унија, а ќе го спроведува Спортското Друштво ИТК Македонија.
„Годинава во фокусот на Inclusive Wellness Society е четиридневниот Летен пливачки камп со инклузивен карактер кој има цел да ги интегрира и социјализира лицата со атипичен развој. Планирани се бројни спортско-рекреативни настани, но големо внимание и интерес и кај камперите привлече денешната дружба со маратонците. На некој начин има и симболика во она што ги приближува овие млади луѓе со маратонот, односно упорноста, истрајноста и вложениот труд наликува како и посветеноста на секој маратонец да издржи во долгата трка. Горд сум што нашите кампери се волни да се вложат во активностите кои ние како друштво треба да ги направиме подостапни за сите кои сакаат да живеат здрав и исполнет спортски живот“, вели Мартин Мојсовски од ИТК Македонија.
Покрај спортските активности здружението во недела од 10 часот ќе одржи и трибина за покревање на свесноста за инклузијата на лицата со атипичен развој во спортот на кој ќе се отворат подлабоки дискусии и ќе се даде можност на многу луѓе да дадат свој придонес и мислење кон зацврстување на инклузијата во сите сфери на живеењето, со акцент на спортот.