Крушево влезе во „Топ 100 зелени дестинации“ во светот

Општина Крушево влезе на листата „Топ 100 зелени дестинации“ во светот за 2025, заедно со туристички места од САД, Чиле, Франција, Шведска, Словенија, Јапонија. Изборот го направи меѓународната организација „Грин дестинејшн“ (Green Destination), која ги поддржува местата со одржлив туризам и екологија.

Признанието деновиве во Монпелје, Франција го примија Татјана Хасану, раководителка на Одделението за локален економски развој и Сотир Габелоски, лице за отворени прашања во Општина Крушево. Апликацијата претходно ја изработи Општината со поддршка на швајцарските програми ИМЕ и СИППО.

Од ИМЕ (Програма за зголемување на пазарната вработливост) соопштуваат дека ваквото признание е резултат на долгогодишнниот, заеднички и посветен пристап на сите чинители – општината, локалните бизниси, здруженија, институции и граѓани, кои работат на развој на туризмот како двигател на локалната економија.

„Исто така, претставува моќна алатка за меѓународна промоција и маркетинг, стекната во конкуренција со дестинации од 33 земји ширум светот“, посочија од ИМЕ.

Тие нагласуваат дека Крушево веќе подолго време се позиционира како водечки хаб за авантуристички туризам, со посебен акцент на параглајдерството, каде што природните услови, надморската височина и термалните струи го прават ова место едно од најдобрите во светот.

„Изминативе неколку години со изградбата на велосипедските патеки по меѓународни страндарди станува и дестинација во подем за планински велосипедизам. Градот редовно е домаќин на меѓународни натпревари и тренинг кампови, привлекувајќи професионалци и ентузијасти од сите континенти, што дополнително ја зацврстува неговата репутација како одржлива и активна туристичка дестинација“, нагласуваат од ИМЕ.

Според ИМЕ, „Зелена дестинација 2025“ е доказ дека кога заедницата делува обединето, резултатите се глобално препознаени.

„Крушево како дестинација покажаа дека одржливиот туризам не е само цел, туку и патека кон економски раст, зачувување на природата и подобрен квалитет на живот. Дополнително, во моментов десетина локални бизниси поминуваат низ процес на исполнување на принципите, воведување на зелени практики и здобивање со сертификатот Good Travel Seal – меѓународно признат знак за квалитет и одржливост во туризмот, наменет за мали и средни туристички бизниси, дестинации и услуги кои се стремат кон одговорно работење“, посочуваат од таму.

Инаку, на конференцијата во Монпелје во фокус беа глобалните трендови во туризмот, каде сè поголем акцент се става на зголемена одржливост, автентичност, локално искуство, климатска отпорност, зелени сертификати и усогласеност со новите еколошки регулативи на ЕУ.