Претставници од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) учествуваа на регионалната конференција „Новинарството на удар: Време на неслобода и непоколебливост на професијата“, што се одржа во Белград.
Конференцијата ги собра новинарите, правните експерти и претставниците на граѓанското општество од регионот на Западен Балкан со цел да дискутираат за најголемите предизвици со кои се соочува медиумската заедница.
Во рамките на програмата, на панел-дискусијата за безбедноста на новинарките на Западен Балкан учествуваше Верче Тодоровска Костовска каде што ги презентираше резултатите од изваштајот „Индикатори за степенот на слободата на медиумите и Индекс на безбедноста на новинарите 2024“.
Во документот, меѓу другото, стои дека враќањето на државното рекламирање и недостигот од јасна стратегија за медиумскиот плурализам ги засилуваат ризиците од политичко влијание и економска зависност. Понатаму, случаите на закани и напади врз новинари ретко резултираа со правна разрешница, а притоа останува потребата за посистематска примена на правните механизми, кои ќе ја гарантираат сигурноста на медиумските работници и ќе спречат нивно заплашување.
„Во 2024 година, положбата на новинарите во редакциите остана ранлива, соочувајќи се со структурни проблеми, како што се ниските плати, недоволно обезбедените работни услови и ограничените можности за професионален развој. ЗНМ континуирано потенцираше дека без финансиска стабилност и соодветни работни услови, независноста на новинарството е сериозно загрозена“, посочуваат изработувачите на документот.
Исто така, редакциите и медиумските куќи сè уште работат во средина, каде комерцијалните и политичките притисоци имаат значително влијание врз уредувачката политика.
Воедно, безбедноста на новинарите во земјата останува горлив проблем, и покрај јавните заложби на институциите за нејзино унапредување.
„Во текот на 2024 година, ЗНМ евидентираше зголемен број закани, навреди и обиди за дискредитација на новинарите, особено преку социјалните мрежи. Додека физичките напади беа помалку застапени во однос на претходните години, говорот на омраза и заплашувањата се засилија, особено кон новинарите што известуваат за корупција, организиран криминал и политички злоупотреби“, стои меѓу другото во документот.
Инаку, како што нагласуваат од ЗНМ, на конференцијата во Белград посебно внимание предизвикала панел-дискусијата за СЛАПП тужбите, каде модератор бил извршниот директор на ЗНМ, Драган Секуловски.
„Во овој дел беа презентирани предизвиците и последиците од злоупотребата на тужбите како средство за притисок и заплашување на новинарите“, потенцираат од ЗНМ.
Во рамки на конференцијата во кој учествуваа стотина претставници на новинарски здруженија, синдикати и останати институции, била претставена Декларација за подобрување на безбедноста на новинарките во Западен Балкан – посветеност кон родовата еднаквост, слободата на медиумите и демократската отчетност.
Оваа активност беше организирана од страна на Независното здружение на новинари на Србија (НУНС), партнерската организација на ЗНМ, во рамките на Safe Journalists платформата.