Екологистите бараат Скопје да биде одржливо и пријатно место за живеење, каде јавниот интерес е над приватниот профит

Зелената агенда за Западен Балкан е стратешка рамка усогласена со Европскиот зелен договор, која има за цел постигнување климатска неутралност до 2050 година, одвојување на економскиот раст од интензивното користење ресурси и овозможување инклузивен напредок, посочуваат екологистите, барајќи од идните градоначалници да се фокусираат на принципите на Зелената агенда.

„Столбовите (на Зелената агенда) ги содржат најважните насоки за модернизација на секторите на енергија, транспорт, земјоделство и индустрија, при што дел од нив директно се релевантни и за локалните власти на пример, транзицијата кон обновливи извори и чист транспорт во градовите (столб 1) или увојувањето политики за кружна економија и селекција на отпадот (столб 2)“, велат од Центарот за климатски промени.

Во пресрет на локалните избори, екологистите сметаат дека програмите на кандидатите за градоначалници се клучен инструмент преку кој граѓаните може да ги оценат нивните приоритети, а самите кандидатите да презентираат свои решенија за конкретните проблеми на локално ниво.

„Особено е важно програмите да содржат јасни визии за одржлив развој и заштита на животната средина. Уверливите еколошки политики – како подобрување на квалитетот на воздухот, управување со отпадот и унапредување на урбаната инфраструктура ја зголемуваат довербата на гласачите во способноста на кандидатите да одговорат на секојдневните проблеми на граѓаните. Вклучувањето на столбовите од Зелената агенда за Западен Балкан во овие програми обезбедува дополнителна вредност бидејќи ја поврзува локалната политика со регионалните и европските стандарди за чиста и одржлива иднина“, нагласуваат од Центарот.

Од таму потсетуваат, неодамна се случи и форум, а граѓани, експерти и активисти заклучија дека Скопје се соочува со прекумерна бетонизација, уништување на зелени површини и урбан хаос предизвикан од неконтролирано градење.

„Наместо нови згради и молови, Скопје има потреба од заштитени и проширени зелени површини, паркови и дрвореди кои обезбедуваат чист воздух и квалитетен јавен простор. Планското и транспарентно урбанистичко планирање, со активно вклучување на граѓаните и експертската јавност, мора да биде насочено кон одржлива мобилност, создавање пешачки и велосипедски патеки, современ јавен транспорт и помала зависност од автомобили“, соопштува Центарот.

Паралелно, нагласуваат од таму, потребни се темелни промени во системот за управување со отпад. Односно, редовно и ефикасно собирање, селекција и рециклирање на хартија, пластика, стакло и биоотпад како ресурс, борба против дивите депонии и воведување строги контроли и казни за загадувачите, како и едукација на граѓаните за компостирање и одговорно користење на ресурсите.

„Само со интегриран пристап кон урбаниот развој и управувањето со отпадот, Скопје може да стане град отпорен на климатски промени, функционален, еколошки одржлив и пријатен за живеење, каде јавниот интерес е над приватниот профит“, забележуваат од Центарот за климатски промени, како заклучоци од форумот.

Јане Димески од граѓанска иницијатива Шанса за Центар, рече дека сака да го види Скопје со функционални паркинзи кои одговараат на потребите на големиот број автомобили, но не се изградени од бекатон и бетон.

„Наместо тоа, тие би биле направени од материјали кои ја впиваат дождовницата, со што се намалуваат ризиците од поплави и се подобрува управувањето со атмосферските води. Ваквите паркинзи овозможуваат поголема интеграција на зелени површини и поредовен урбан простор, го намалуваат топлотниот островен ефект и придонесуваат за зачувување на природните ресурси. На овој начин, Скопје станува поздрав, поодржлив и пријателски град за живот, каде инфраструктурата ја поддржува еколошката свест и заштитата на животната средина“, посочи тој.

Бојан Трпевски, правник во Македонско здружение на млади правници, кој се занимава со еколошки правни состојби, вели дека сака да го види Скопје како средина во која има поголема соработка помеѓу институциите заради правилно управување со отпадот.

„Сакам се почесто да гледам комуникација по службена должност помеѓу институциите и постапување на барањата и пријавите од граѓаните, а се поретко да се користи фразата ‘прашањето не е во наша надлежност’. Сакам да гледам кампањи за подигнување на јавна свест за селекција на отпадот кои нема да бидат само билборди, социјални мрежи или телевизиски прилози/видеа, туку ќе се применуваат практиките кои веќе ги примениле другите европски земји и кои дале реални резултати кај нив“, апелираше Трпевски.

Според Маја Маркоска, извршен директор во здружението „Милиеу Контакт Македонија“, урбанизацијата во градот е претерана и потребно е да се огледуваме на примери како Словенија, која гради затворени и зелени градови.

„Скопје мора да се прилагоди на климатските промени, бидејќи зголемената бетонизација со бекатон и бетон доведува до поплави, поради тоа што водата нема каде да се впие во земјена површина. Сакам да живеам во Скопје кое ќе го врати балансот меѓу урбаното и природното, со повеќе зелени површини, одржлива инфраструктура и јавни простори што овозможуваат чист воздух, безбедно движење и квалитетен живот за сите граѓани“, рече Маркоска.

Бојан Шашевски