Првата конференција посветена на развивање игри во Македонија ќе разбуди креативна револуција, вели организаторот на „Game Dev Rev 2025“

Првата „Game Dev Rev“ (GDR 2025) ќе влезе во историјата како прва конференција во Македонија целосно посветена на развивањето игри. Настанот ќе се одржи во Скопје на 16 октомври 2025 година и ќе ги обедини младите девелопери, искусните професионалци, инди студијата и лидерите во индустријата преку инспиративни говори, колаборација и иновација, посочуваат од Асоцијација на македонската индустрија за видео игри (Macedonian Games Industry Association).

Од таму објаснуваат дека „GDR25“ не се фокусира само на една единствена тема, туку на насока – Почетокот.

„Тој симболизира создавање, раѓање, каписла и револуција. Конференцијата има цел да отвори ново поглавје на македонската сцена за развивање игри. Како се’ уште не доволно истражен предел на креативност и талент, Македонија има огромен потенцијал, а ‘GDR25’ е дизајнирана на студентите, младите креативци и професионалците, да им обезбеди мотивација, насоки, контакти, па дури и самодоверба за да се впуштат и напредуваат во индустрија за развивање игри“, соопштуваат од Асоцијацијата.

Како што најавуваат, посетителите можат да очекуваат врвни говорници и спикери, односно светски лидери кои ја обликуваат иднината на игрите ќе одржат keynote предавања, fireside chat и Ask-me-Anything сесии.

Исто така, Indie Zone Showcase – повеќе од 30 инди студија ќе ги претстават своите проекти, нудејќи преглед на следниот бран на креативци.  Понатаму, развој и имплементација на екосистемот – панели и работилници посветени на продукција, раст на екосистемот и бизнисот на развивање игри.

Ќе има и вмрежување и VIP настани, кои, како што велат, ќе бидат специјално курирани случувања за поврзување и соработка меѓу „главните играчи“ во индустријата, партнерите и посетителите.

Ќе се дава значение и на заедницата и културата – од разновидна храна до голема забава, „GDR25“ ветува живописна мешавина од култура и дружење.

Билетите се веќе достапни во три категории: Standard Pass – 20 евра,  VIP Pass – 60 евра и  Student Pass – 10 евра.

Дополнително, како што посочуваат, општествено одговорните компании имаат можност да купат студентски билети по намалена цена и да ги донираат на образовни институции.

„Со тоа не само што ја поддржуваат следната генерација на девелопери на игри, туку добиваат и статус – партнери на ‘GDR25’“, велат од Асоцијацијата.

Според нив, Конференцијата ќе биде платформа за раст и соработка.

„Конференцијата очекува 250–300 учесници низ различните траки и активности, создавајќи уникатно место за средба на локални и меѓународни девелопери. GDR 2025 е поддржана од Асоцијацијата на македонската индустрија за развивање на игри (MGI), независни студија, QA партнери, Министерството за култура и туризам на Република Македонија, како и организации посветени на развој на дигиталната креативност“, соопштува Асоцијацијата.

„Приклучи се кон револуцијата. ‘Game Dev Rev’ не е само конференција – тоа е почеток на движење што има цел да ја постави Македонија на глобалната мапа на развивање игри“, стои во соопштението.