Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) го објави редовното годишно рангирање на институциите според Индексот на активна транспарентност, односно според проактивното објавување информации од јавен карактер, во кое се вклучени 102 институции.
Индексот, меѓу другото, покажува дека просечната активна транспарентност на министерствата, на Владата и на општините за 2025 година изнесува 80 % (од максимално можни 100 %), исто колку што изнесуваше и минатата година.
Понатаму, активната транспарентност на министерствата и Владата е намалена во однос на лани и изнесува 84 % (лани 86 %), додека општините го задржаа истото ниво на активна транспарентност како и лани, односно 79 %.
Воедно, дури 44 % од опфатените институции ја влошиле својата активна транспарентност (лани се влошиле 19 % од институциите).
„Министерството за одбрана, петта година по ред ги задржа максималните 100 % активна транспарентност, а резултатот од 100 % годинава го освои и новоформираното Министерство за дигитална трансформација“, посочуваат од ЦГК.
Кај општините, за разлика од лани кога дури пет општини го делеа првото место со 100 % активна транспарентност, годинава на ова место се задржаа само две – Кавадарци и Кичево.
„Меѓу регионите, трета година по ред на првото место се наоѓа Источниот Регион (со иста активна транспарентност како и лани од 88 %). На последно место, со намалена активна транспарентност во однос на лани се наоѓа Полошкиот Регион (со 71 % активна транспарентност, лани 73 %). Најмалку информации, и министерствата и општините објавуваат за финансиите (министерствата 58 %, а општините 59 % од можни 100 %), посочуваат од ЦГК.
Огромно уназадување има кај одговорите по барањата за слободен пристап до информациите од јавен карактер, што им биле испратени на сите институции во ист ден и со исто прашање. Општините одговориле во просек за 21 ден (лани за 15 дена), а министерствата одговориле за 23 дена (лани за 14 дена). Инаку, крајниот законски рок е 20 дена.
„Само 54 % од институциите одговорија во рамките на максималниот законскиот рок од 20 дена (лани тоа го сторија 71 % од институциите)“, нагласуваат од Центарот за граѓански комуникации.
Активната транспарентност е претставена и на специјалната веб-страница: https://www.aktivnatransparentnost.mk/ со преглед на остварувањата на секоја институција од 2016 годинава наваму.
Графикони: Центар за граѓански комуникации