Отворање на изложбата „Поглед кон далечина обоена сино“ од Дарко Алексовски во четврток

Самостојна изложба на Дарко Алексовски насловена „Поглед кон далечина обоена сино“ ќе се отвори на 18 септември (четврток) со почеток во 20 часот во КСП Центар-Јадро во Скопје. Куратор ќе биде Славчо Димитров.

„Изложбата ‘Поглед кон далечина обоена сино’ е замислена како збир од неколку засебни целини кои се развиваат низ неколку тематски истражувања во различни медиуми и форми на изразување. Значаен дел од тоа што во моментов го работам е истражувањето на поимите за утопијата како потенцијална иднина, како постојана недостижност на хоризонтот, но и утопијата како состојба на секојдневието. Освен историски, колективни и лични предлози за значењето на утопијата, важна теориска поддршка во овие долгорочни уметнички истражувања ми се размислувањата на Хозе Естебан Муњоз (José Esteban Muñoz) кој во Cruising Utopia вели: ‘продуктивно е за утопијата да размислуваме како течение, приврмена неорганизираност, момент во кој ‘сега и овде’ може да се надмине со ‘тогаш и таму’, она што би можело да биде и навистина би требало да биде’“, вели Алексовски.

Како што вели тој, во збирката есеи „A Field Guide to Getting Lost“, Ребека Солнит (Rebecca Solnit) пишува за сината како боја на далечината и оддалеченоста во физичка и метафоричка смисла. Интересот за сината како боја на далечината таа го пронаоѓа во делата на северноевропската и италијанската ренесанса кога за сликање на далечните предели во пејзажите сликарите користеле исклучиво сини тонови. Сината е единствената боја од спектарот која не стигнува од сонцето до нас, туку се дисперзира во молекулите низ воздухот – затоа небото е најчесто обоено сино, исто како и атмосферските далечини. Од друга страна, додава, сината како метафора е боја што „доаѓа со времето, со препознавање на меланхолијата, на загубата, текстурата на копнежот, сложеноста на терените кои ги преминуваме, како и годините на патување“.

„Во оваа смисла нашите сеќавања, неисполнети желби, временската оддалеченост од минатото се исто така обоени во сино. Изложбата ‘Поглед кон далечина обоена сино’ е обид да ги разгледам и претставам овие аспекти на физичките и временските далечини преку лични сеќавања – вистински и конструирани, истовремено“, посочува уметникот.

Дарко Алексовски (р. 1989) е визуелен уметник чија уметничка практика се формира на преку работа со слики и креативно пишување. Алексовски завршил додипломски и постдипломски студии на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, a моментално живее и работи во Велес. Како уметник досега гостувал на неколку резиденциски програми во Виена, Франкфурт, Скопје, Линц, Сплит и Дубровник.

Реализацијата на изложбата е финансиски поддржана од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.