Под слоганот „Не во наше име“, иницијативата „Сите за Палестина“ вчера организираше протест пред Министерството за надворешни работи (МНР).
Граѓани се собраа заеднички да испратат порака до македонските претставници во Обединетите нации за, како што рекоа, да престанат со гласањето против правото на самоопределување на палестинскиот народ.
На протестот се обратија неколку говорници кои сметаат дека надворешната политика на државата е противречна. Односно, дел посочија на тоа што Македонија и самата во минатото добила меѓународна поддршка, а денес застанува на страната на малкуте земји што не ја признаваат Палестина.
„Со тоа, индиректно го поддржува геноцидот кој се одвива во Газа. Повикуваме на хуманост, емпатија и солидарност, а предупредуваме и дека молкот на властите пред бизнис интересите на богатите е соучесништво во злосторство“, посочија од иницијативата.
Организаторите на протестот ја презентираа и листата на барања кон Владата, меѓу кои е и потврдата на поддршката за правото на самоопределување на Палестина. Исто така, бараат гласање во корист на Палестина на сите идни сесии на ОН, вклучително и за полноправно членство и хуманитарна помош.
Понатаму, бараат и усвојување официјална позиција со која ќе се осуди геноцидот во Газа, како и воведување пакет санкции против Израел и прекин на трговските односи кои, како што рекоа, директно финансираат воени злосторства.
„Според податоците на Државниот завод за статистика, во периодот 2021–2023 година Македонија извезла во Израел стоки во вредност од 23,5 милиони евра, додека увозот достигнал 43,1 милиони евра – со јасен трговски дефицит на штета на македонската економија“, посочуваат од иницијативата.
Воедно, бараат и прекинување на академската соработка со израелски институции, вклучително и меморандумот со Универзитетот „Бен Гурион“.
„Македонската влада не ги застапува интересите на народот кој живее на оваа територија, ниту вредностите со кои се кити на меѓународната сцена. Народот секогаш ја вреднувал солидарноста, хуманоста и мирот – затоа бараме Македонија да застане на вистинската страна на историјата“, порачаа организаторите.
Граѓаните повикаа на континуиран притисок врз институциите, со цел, како што нагласија, да се запре страдањето на палестинскиот народ и Македонија да заземе јасен став во корист на правдата и човечките права.
Фото: Сите за Палестина