Повеќе од 1.000 студенти на Универзитетот Харвард протестираа за време на дипломската церемонија

Повеќе од 1.000 студенти протестираа на дипломската церемонија на Универзитетот Харвард во Соединетите Американски Држави (САД) поради одлуката на администрацијата на универзитетот да не доделува дипломи на студентите кои учествуваа во протестите за поддршка на Палестина, пренесува Н1.

Тие ја напуштија церемонијата извикувајќи „Слободна Палестина“.

Шрути Кумар која е една од организаторите на протестот, за агенцијата Асошиејтед прес изјави дека на церемонијата оваа година, требало да бидат и 13 студенти, односно тие на кои администрацијата на универзитетот одлучи да не им додели дипломи.

Објаснувајќи дека повеќе од 1.500 студенти и околу 500 универзитетски професори и вработени собрале потписи за наведените 13 студенти да ги добијат дипломите, Кумар истакна дека се длабоко разочарани од односот на универзитетската администрација кон слободата на изразување и правото на граѓанска непослушност.

Еден од 13-те студенти кои беа спречени да ги добијат дипломите, Асмер Асрар Сафи, рече дека казната покажува колку далеку може да оди универзитетот за да ги задоволи своите донатори.

„Иако нема да можеме да се вратиме на овој универзитет, се надеваме дека нашите пријатели ќе го одржат во живот наследството од Кампот на солидарност со Газа“, рече Сафи.

Управниот одбор на Харвард соопшти дека 13 студенти со своето однесување ја прекршиле политиката на универзитетот за време на протестот во знак на солидарност со Палестина и затоа најави дека нема да им бидат доделени дипломите.