Граѓанската организација Еко-свест минатиот месец стави во функција „Зелен телефон“ како алатка која граѓаните можат да ја искористат за да пријавуваат еколошки проблеми и да се информираат за надлежните институции и за начинот на нивно надминување. Бројот на Зелениот телефон е 071-600-333, а јавното лице на кампањата е активистот Војо Иванов. На телефонот досега се пријавени над 30 проблеми, шест од нив се решени, а 17 се во постапка. Најголем дел од проблемите кои ги мачат граѓаните се поврзани со отпадот и загадувањето на водата и природата, а граѓаните можат да пријават прашања или проблеми и од областа на урбаното живеење, енергијата, загадувањето на воздухот и слично, пренесува агенцијата Мета.
„Ова е бесплатна телефонска линија која постои за граѓаните кои сакаат да пријават и самите да решат еколошки проблем, а нашиот тим да им овозможи правна помош за да успеат во намерата. Граѓаните покажуваат незадоволство од многуте проблеми кои ги имаме во животната средина, но од друга страна се чувствуваат и немоќни самите да направат нешто. Ние сакаме да бидеме мостот меѓу нив и институциите за овие проблеми побрзо и поефективно да се решат“, вели Ана Чоловиќ Лешоска, извршна директорка на Еко-свест
Целта, според Еко-свест е преку „Зелениот телефон“ е да развие активно граѓанство и континуиран однос на соработка и доверба помеѓу граѓаните и органите надлежни за решавање на еколошките проблеми, а истовремено да се подигне и јавната свест за важноста од личен ангажман на граѓаните во откривањето и во пријавувањето, а со тоа и надминувањето на еколошките проблеми.
„Добиваме пријави од целата земја во различни категории, како на пример загадување на водите, воздухот и проблеми со отпадот. Многу од граѓаните веќе самостојно презеле чекори за решавање на проблемите, но бараат и совет како да продолжат понатаму и која би била следната инстанца, доколку не успеале во нивните првични напори. Само за две недели, на Зелениот телефон пристигнаа повеќе од 30 пријави од кои 17 се уредно поднесени од страна на граѓаните и се во постапка на решавање. Од сите пријави, шест се веќе решени. Најголем дел од пријавите се за отпад и нелегални депонии на територијата на целата држава. Загадување на водите и уништување на природата се на второ место,“ изјави Милијана Богданоска, еколошки правник во Еко-свест.