Меѓународна конференција на Паркови Динариди: Заштитените подрачја не смеат да останат само на хартија

Над 150 учесници, претставници на граѓанските организации, институции и претставници на заштитените подрачја, учесници на Меѓународната конференција Паркови Динариди, донесоа заедничка декларација за подобро спроведување на Зелената агенда во земјите од Западен Балкан. Декларацијата беше испратена до Европската комисија, а се бара ЕУ да обезбеди инклузивно, транспарентно и суштинско учество на граѓанскиот сектор во плановите и проектите за спроведување на Зелената агенда, информираат од „Еко-свест“.

Додека во Европа се одржува Зелената недела, каде главна тема е Зелената агенда, учесниците на Регионалната конференција на Паркови Динариди „Преку регионална соработка до одржливи заштитени подрачја“ се согласуваат дека Зелената агенда нуди големи можности, а одржливото финансирање на заштитените подрачја во регионот и натаму останува предизвик.

Конференцијата организирана од Паркови Динариди и Светската организација за заштита на природата – WWF Adria, поттикна донесување на заедничка декларација од граѓанските организации за подобро спроведување на Зелената агенда во земјите од Западен Балкан.

„Апелираме до Европската комисија да не ги изоставува клучните учесници во процесот кои можат да се погрижат заштитените подрачја да не останат само на хартија“, рече извршната директорка на WWF Adria Наташа  Калауз.

Учесниците на Регионалната конференција, недвојбено ја истакнаа потребата од соработка помеѓу граѓанските организации и управителите на заштитените подрачја.

„Оваа конференција потврди дека регионалната мрежа на Паркови Динариди е добра платформа за поврзување на сите паркови во регионот кои споделуваат добри примери и планираат заеднички проекти. Управителите истакнаа дека сакаат поактивно да се вклучат во процесите на зелена транзиција на Западен Балкан, што ќе резултира со одржливи и пофункционални заштитени подрачја во нашиот регион“, изјави Зоран Мрдак, претседател на Паркови Динариди.

Како што информираат од „Еко-свест“, конференцијата завршила со панел посветен на улогата на жената во зачувувањето на природата. Претставници од граѓанскиот сектор, управители и политичари зборуваа за предизвиците и искуствата во нивната работа, а присуство зедоа Санела Клариќ, пратеник во Парламентот на БиХ, Ивана Васиќ од Војводина шуме, Ирис Бенеш од Бродско Еколошкото друштво и Ана Чоловиќ Лешоска од „Еко-свест“, претставник на WWF Adria во Северна Македонија.

На конференцијата учествуваа 150 учесници, меѓу кои претставници од 70 заштитени подрачја и околу 50 граѓански организации од Албанија, Словенија, Северна Македонија, Хрватска, Косово, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, како и претставници од ресорните министерства и институции.

Конференцијата се одржа во рамките на проектот „Заштитени подрачја за природата и луѓето“, кој WWF Adria го спроведува во Западен Балкан од 2015 год. со поддршка на Шведската агенција за развој и соработка (Сида). Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ е партнер на WWF Adria во Северна Македонија.