Македонија нема закон за климатска акција, нема Национален план за адаптација на климатските промени, а не се знае ниту колкави се емисиите на стакленички гасови во последните пет години. Надлежните институции не се координирани и не одговараат соодветно на заканите од климатските промени, констатира Државниот завод за ревизија (ДЗР).
Според извештајот на ДЗР, донесувањето на законот за климатска акција се оддолжува повеќе од пет години, што негативно влијае на институциите вклучени во процесот. Отсуствува јасно дефинирана структурна поставеност, координација и комуникација меѓу инволвираните страни.
„Во Македонија се исполнети основните предуслови и постигнат е одреден напредок во креирањето на политиките, но потребни се дополните мерки и активности за воспоставување механизми и системи за справување со климатските промени“, истакнуваат од ДЗР.
Поради слабите административни капацитети, државата не може да го одржува и ажурира ниту Националниот инвентар на стакленички гасови, кој со помош на меѓународни проекти последен пат е изработен во 2019 година. Па така, во последните пет години нема податоци за емисиите на стакленички гасови.
„И покрај вклученоста на голем број институции во предлог-верзијата на Законот за климатска акција, изостанува вклученоста на локалната власт, која е носител на политиките на локално ниво и ги имплементира политиките од централно ниво“, велат од ДЗР.
Државата, исто така, со Долгорочната стратегија за климатска акција за периодот 2020-2050 година се обврза да ги намали нето емисиите на стакленички гасови за 72% до 2050 година во однос на 1990 година. Сепак, не е утврдена цел за „нето нула“ емисии, со што не се исполнети обврските од Европскиот зелен договор.
Според Ревидираниот национален утврден придонес (NDC), пак, државата се обврза до 2030 година да ги намали нето емисиите на стакленички гасови за 82% во однос на 1990 година. Меѓутоа, според официјалните податоци од Инвентарот на стакленички гасови, во 2019 година вкупните емисии на стакленички гасови се намалени за 9,2% во споредба со 1990 година.
„Невоспоставените механизми за мониторинг од страна на МЖСПП и не известувањето од надлежните министерства оневозможуваат проценка на релевантноста и ефектите од мерките“, посочуваат од Заводот.
Во однос на јавните политики, Македонија ги исполни обврските од Парискиот договор со утврдувањето на Првиот NDC во 2015 година и поставувањето поамбициозни цели со Ревидираниот NDC во 2021 година. Иако не е донесена Стратегија за ублажување како посебен стратешки документ, политиките и мерките за ублажување на емисиите на стакленички гасови се вклучени во Ревидираниот NDC.
„Сепак, поради невоспоставените механизми за следење на реализацијата на предвидените политики и мерки, не може да се потврди дали истите се соодветни за постигнување на поставените цели“, се потенцира во извештајот.
Во однос на финансирањето на климатските промени, Долгорочната стратегија за климатска акција предвидува капитални инвестиции од 35 милијарди евра и трошоци во енергетскиот сектор од 121 милијарда евра за периодот 2020-2050 година.
„Меѓутоа, во Буџетот на државата не е воспоставен систем за климатско означување на проектите, поради што државата не располага со релевантни податоци за финансиските средства наменети за климатски промени. Исто така, не се изготвени двогодишни извештаи (BUR) за периодот 2020-2024 година, со кои државата има меѓународна обврска да известува за искористените средства“, заклучуваат од ДЗР.
Оттаму за надминување на утврдените состојби дадоа препораки за преземање мерки и активности од страна на надлежните институции и одговорни лица, со цел подобрување на напорите на Македонија во справувањето со климатските промени.