МЕД: Енигматични ознаки на најстарите желки на Голем Град

Дали знаете нешто повеќе за овој феномен? Прочитајте подолу и пријавете ни за било какви ознаки на желки кои можеби сте ги забележале во Преспа или околината, порачуваат  од Македонското еколошко друштво (МЕД), кои објавија и фотографии со ознаки со „12“ и „20“ на оклопот на желки.

Од МЕД потсетуваат дека островот Голем Град во Преспанското Езеро претставува уникатен природен амбиент за територијата на нашата држава, каде мноштво живи видови и нивните живеалишта се проткаени со траги од некогашното човечко присуство во милениумите што одминале.

Меѓу највпечатливите активни жители на островот, посочуваат од таму, несомнено се вбројуваат и шумските желки, кои поради изолираноста имаат развиено уникатни адаптации во нивното однесување и начин на живот – што пак од своја страна го привлекува вниманието на светската научна јавност.

„При нашите редовни теренски истражувања на оваа популација, забележуваме дека најстарите желки на островот имаат врежани бројчени ознаки на долниот дел од оклопот познат како пластрон. Се чини дека овие ознаки укажуваат на некаков начин на броење или идентификација, но не одговараат на ниеден современ метод што го применуваат биолозите што со децении вршат популациски истражувања во регионот“, нагласуваат од МЕД.

Од Македонското еколошко друштво посочува дека досегашните обиди да се открие потеклото на овие ознаки преку разговор со локални жители и консултации со колеги не дале конкретни одговори.

„Врежаните бројки не делуваат како скорешни и веројатно датираат одамна (барем 30, но можеби и повеќе од 50 до 70 години). Останува мистеријата дали се работи за некаква порана научна дејност или пак неформално следење на големградската популација на желки од биолози-аматери или други лица?“, прашуваат од МЕД.

Во секој случај, велат од Друштвото, тие сведочат за долготрајната (па дури и историска) фасцинација на луѓето спрема дивиот свет на островот.

„Голем Град ја има една од најгустите и најнеобични популации на шумски желки во светот, која за жал денес се соочува со големи предизвици за опстанок – пред сѐ поради нерамномерниот полов сооднос меѓу единките, надополнето со растечките негативни влијанија на климатските промени. Само преку здружени научни истражувања, базирани врз јасно утврдена методологија, би можеле да се утврдат евентуални мерки за спас на шумските желки и останатите живи видови на овој навистина посебен остров во срцето на Преспа“, констатираат од МЕД.