„Гледајте филмови, нема каде да се бега“, порачуваат организаторите на филмскиот фестивал „Дрим шорт“ (Drim Short) чие деветто издание ќе се одржи од 7 до 10 август на повеќе локации во Струга. Главните проекции ќе се реализираат во Паркот на поезијата, додека останатата програма ќе биде распределена во „Јуроп хаус“ Струга, кафе-бар „Дуќан“, мезе бар „Барабар“ и мезе бар „Кингстон“.
„Дали е варварски да се создава уметност во предвечерие на војната? Филозофите-оптимисти кои веруваат во надеж ќе кажат дека будалите кои на војната ѝ гледаат во очи, ќе го спасат светот. Не затоа што не се плашат, туку затоа што веруваат дека уметноста и убавото можат да ја спречат страшната ноќ никогаш да не дојде. Ценејќи ги и славејќи ги оние кои создаваат филмови на кои се проектираат отсечоци од минатото до иднината, веруваме дека вербата во убавото што го нуди уметноста, e борба против хаосот на светот. Кога во реалноста не постои утеха, филмот е портал кон срцето, каде сѐ уште владее силата на разумот. Во време на егзистенцијално неизвесни секојдневија, филмските уметници не престануваат да измислуваат есенцијално поубави светови. А бидејќи секој филм се создава да биде виден и да допре, тогаш улогата на публиката е да гледа филмови и да дозволи да биде допрена, или во контекст на денешниот поредок, да дозволи да биде спасена“, се вели во соопштението.
А кога веќе нема каде да се бега, додаваат организаторите, оваа година на „Дрим Шорт“ гостите и публиката ќе имаат можност за средба и разговори за филм со еден од најважните кинематографи во светот Флоријан Хофмајстер и со бардот на македонското и балканското глумиште, Никола Ристановски, кој ќе одржи мастерклас.
Фестивалот ќе се одвива во текот на четири фестивалски денови, со пет натпреварувачки програми: Меѓународна, Регионална, Национална, Студентска и Специјална програма насловена „Соочување со минатото“, реализирана во соработка со „ПроПис“.
Овогодишното жири го сочинува истакната група филмски професионалци: Јелена Јованова, актерка; Никола Ристановски, актер; Гвидо Казале, режисер; и Бранко Ристовски, монтажер и продуцент.
Натпреварувачката програма ќе биде придружена од ревијална програма што вклучува Вечер на холандски филм, со избор на филмови во соработка со фестивалот „Go Short“, програма на еколошки филмови во соработка со „Еко свест“ и специјална ВР програма на кратки филмови.
Музичката ОФФ програма се фокусира на македонската електронска сцена со диџеј сетови на Андреја Салпе и Андреј Мицајков.
Овогодишното издание на „Дрим Шорт“ е овозможено од „ПроПис“, Агенција за филм на Северна Македонија, Холандска амбасада во Скопје, „Јуроп Хаус“ Струга, Општина Струга, Трим и Лум, „Еко свест“, хотел „Дрим“, Струшки вечери на поезијата, „АКВА“ Струга, НУЦК „Браќа Миладиновци“, Струга мезе бар „Кингстон“, мезе бар „Барабар“ и кафе бар „Дуќан“.