ЈП „Лајка“ со апел и препораки до граѓаните за грижа кон милениците и бездомните животни во летниот период

Со порастот на температурите, Јавното претпријатие „Лајка“ апелира до сите граѓани да покажат грижа и одговорност кон милениците, но и кон бездомните животни, кои особено страдаат за време на летните горештини.

„Вашето внимание може да спаси живот“, истакнуваат од „Лајка“.

Оттаму посочуваат неколку препораки до граѓаните, институциите и угостителските објекти за милениците и бездомните животни.

Милениците е потребно да имаат свежа и чиста вода во текот на целиот ден, сенка и свеж воздух, како и воопшто да не се оставаат во автомобил затоа што температурата во возило може да порасне до фатални нивоа за само неколку минути, дури и кога надвор не изгледа премногу топло. Исто така, од „Лајка“ препорачуваат шетање рано наутро или доцна навечер затоа што асфалтот во текот на денот може да биде екстремно врел и да ги изгори шепите.

За бездомните животни пак, забележуваат од „Лајка“, чинија со чиста вода пред зграда, двор или продавница може да значи живот или смрт.

„Садовите редовно чистете ги и ставете ги на место кое нема да го попречува движењето на пешаците. Покажете емпатија ако видите животно во неволја, известете ја ‘Лајка’ или најблиската ветеринарна амбуланта. Вода за сите живи суштества!“, велат од претпријатието.

Исто така, ги повикуваат институциите, угостителските објекти и граѓаните да поставуваат садови со вода на јавни површини но со совесно одржување на ред, хигиена и почит кон заедничкиот простор, во духот на солидарност и грижа.

„Летото е време за уживање, но и за одговорност. Грижата за животните не е само хуманост таа говори за нас како заедница“, потенцираат од „Лајка“.