Во текот на март, април и мај 2025 година, до Комисијата за жалби беа испратени повеќе жалби за начинот на кој бројни медиуми известуваа за случаи со семејно насилство, а посебно за видеото објавено на социјалната мрежа ТикТок, во кое експлицитно се покажуваат снимки на родово базирано насилство од маж кој вербално и физички ја напаѓа сопругата, соопштуваат од Советот за етика во медиумите во Македонија.
Од таму посочуваат дека видеото, при крајот на март, беше пренесено од поголем број онлајн медиуми, при што беа направени прекршувања на Кодексот на новинарите на Македонија и на Насоките за етичко известување на онлајн медиумите, поради што Комисијата за жалби одлучила да не расправа поединечно за секоја жалба, туку да одржи посебна тематска седница. На неа во соработка со експерти, претставници на граѓански организации и релевантни институции биле разгледувани различните аспекти и импликации од известувањето на медиумите за ваквите случаи, со што се усвоени и генерални препораки за медиумите.
На 4 јули 2025 година, Комисијата за жалби одржа отворена седница посветена на оваа тема, во која учествуваа д-р Марина Тунева, медиумска експертка, Неда Чаловска Димовска, адвокатка, Александра Бубевска од Хелсиншкиот комитет, Хајди Стерјова Симоновиќ од Мрежата против насилство врз жените и семејно насилство и Марина Трајкова од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Врз основа на изнесените ставови и мислења во текот на дискусијата Комисијата ги донесе следниве заклучоци и препораки, кои Радио МОФ ги пренесува во целост:
Заклучоци и препораки за за известување за случаи на семејно и/или родово базирано насилство
Медиумите имаат важна улога во предизвикувањето на конзервативните ставови и воспоставените социјални норми и однесување со кои се оправдува семејното и/или родово базираното насилство, како и за алармирање на институциите за спречување на ваквите појави. Во известувањето за видеото со експлицитно семејно насилство, споделено на ТикТок, некои медиуми постапија професионално и внимателно и одиграа важна улога за поттикнување на надлежните институции да преземат конкретни мерки против сторителот на насилството, како и за подигнување на јавната свест за сериозноста на семејното насилство.
При донесувањето на овој заклучок, Комисијата за жалби особено имаше предвид дека медиумите известуваа за случај што веќе бил објавен во јавниот простор и кој претставува очигледно и документирано прекршување на човековите права. Оттаму, медиумите имале обврска да информираат, особено затоа што се работи за кривично дело за чие спречување е потребна институционална реакција, но и поради кревање на општествената свест за распространетоста и сериозноста на семејното насилство во македонското општество.
Меѓутоа, при анализирањето на жалбите за овој случај, Комисијата констатираше и дека повеќе онлајн медиуми известуваа на сензационалистички начин и површно за настанот, без да обезбедат конкретни извори и докази за некои од тврдењата. Тие, со намера брзо да ја информираат јавноста, не ѝ пријдоа на темата со потребната студиозност и деталност, што е важно за одговорното известување, особено кога станува збор за вакви сериозни случаи на семејно насилство. Членот 8 од Кодексот на новинарите им наложува на медиумите да избегнуваат сензационализам во информирањето за вакви случаи.
Во конкретниот случај со видеото од ТикТок, многу медиуми на сензационалистички начин објавија експлицитна визуелизација на насилството, проследена со пренагласени наслови за тоа дека следува вознемирувачка содржина, со цел да привлечат што повеќе гледачи. Притоа, не водејќи сметка за ризикот од повторно трауматизирање на жртвата и од предизвикување вознемиреност кај делови од публиката, како деца, претходни жртви на насилство и други ранливи групи.
Комисијата за жалби констатираше и друго прекршување на етичките норми, кај поголем број онлајн медиуми, а тоа е повредата на приватноста на жртвата, поради фактот што при реобјавувањето на видеото, идентитетот на сторителот можеше јасно да се утврди, а со тоа индиректно се открива и идентитетот на жртвата. Насоките за етичко известување на СЕММ бараат од медиумите, при известувањето за случаи на семејно насилство, „…да не се објавуваат имиња и фотографии на жртвите… ниту податоци од кои индиректно би можел да се открие идентитетот на жртвата или сторителот…“
Потребата од заштита на идентитетот на жртвата експлицитно се нагласува во низа меѓународни етички насоки за новинарското известување. Така, УНЕСКО, во документот Известување за насилство врз жени и девојки: Прирачник за новинари, им препорачува на медиумите да се „воздржуваат од користење слики што го прикажуваат актот на насилство или што можат да ја идентификуваат жртвата.“
Имајќи ја предвид исклучителната важност на оваа тема, Комисијата за жалби им препорачува на уредниците на медиумите во иднина, при известувањето за случаи на семејно и родово базирано насилство, да приоѓаат со крајна внимателност, да избегнуваат сензационализам, да стават приоритет на заштитата на достоинството и приватноста на жртвите и на нивните деца.