„Мајки од Сребреница“ на комеморација: Ја повикуваме Европа да се разбуди

Во Меморијалниот центар Сребреница – Поточари се одбележува 30-годишнината од геноцидот врз Бошњаците извршен од српските сили во Босна и Херцеговина во јули 1995 година. На комеморацијата дојдоа десетици илјади луѓе и бројни официјални лица од земјата, регионот и светот. Претседателката на здружението „Мајки од Сребреница“, Мунира Субашиќ, денес ја повика Европа да се „разбуди“ и додаде дека „наместо правда, денес во светот се буди фашизмот“, пренесува Н1.

Таа ги повика присутните на комеморацијата да помогнат во борбата против омразата, неправдата, силувањето и протерувањето.

„Никој нема право да убие ничие дете, никој нема право да силува ничија ќерка. Додека стојам тука, многу мајки во Украина и Палестина го доживуваат она што ние го доживеавме во 1995 година“, рече Субашиќ.

Таа изјави дека во летото 1995 година, 22 члена од нејзиното семејство биле убиени, вклучувајќи го нејзиниот син и сопруг.

Субашиќ им се заблагодари на сите земји што гласаа за Резолуцијата за Сребреница во Обединетите нации (ОН) и рече дека оние што не гласале за таа резолуција „живеат во темнина“ и дека мајките на жртвите од Сребреница никогаш нема да простат ниту да го заборават тоа.

„Триесет години слушаме лаги, гледаме омраза, гледаме глорификација на воените злосторници. Светот и Европа го толерираат тоа“, рече таа.

Таа изјави дека луѓето во Сребреница биле убиени затоа што имале различни имиња и презимиња и биле муслимани.

„Кога го преживеавме геноцидот, имавме за цел да им кажеме на светот и на Европа дека нашите деца беа невино убиени. Тие ги убија нашите деца под знамето на ОН пред очите на целиот свет“, рече Субашиќ.

Денес во Поточари ќе бидат погребани останките на уште седум жртви од Сребреница, кои беа пронајдени на различни локации. Најмладите жртви кои ќе бидат погребани се двe млади момчиња кои имале 19 години.