Босна со закон го регулира негирањето на геноцидот

Највисокото меѓународно тело во Босна го забрани негирањето на геноцид  во земјата, како одговор на обидите на босанските Срби да го негираат обемот на масакрот во Сребреница во 1995 година, пренесува „Гардијан“.

Валентин Инцко, шефот на канцеларијата, ги воведе измените во кривичниот законик на земјата во петокот, со што беа донесени затворски казни до пет години за негирање геноцид и за величење на воени злосторници, вклучително и именување на улиците или јавните институции по нив.

ОХР е врвно меѓународно тело кое го надгледува спроведувањето на мировниот договор со кој се стави крај на војната во Босна од 1992 до 1995 година. Има овластување да наметнува одлуки или да разрешува службени лица кои ја поткопуваат повоената етничка рамнотежа и напорите за помирување меѓу Бошњаците, кои се претежно муслимани, босански Срби и Хрвати.

Меѓународниот суд на правдата и меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија ги прогласија убиствата на босанските Срби над повеќе од 8.000 Бошњаци што се случија во Сребреница за време на босанската војна за геноцид. Сепак, официјални претставници на босанските Срби и соседна Србија одбија да го прифатат назначувањето.

„Говорот на омраза, величењето на воените злосторници и ревизионизмот или целосно негирање на геноцидот и воените злосторства ги спречуваат општествата да се справат со своето колективно минато, претставуваат ново понижување на жртвите и нивните најблиски, истовремено одржувајќи ја неправдата и поткопувајќи ги меѓуетничките односи“, изјавил Инцко.

Тој дополнил дека решил да ги искористи своите овластувања откако со години чекал да постапат босанските политичари. Тој го наведе одбивањето на собранието на босанските Срби да ги повлече одликувањата доделени на тројца осудени воени злосторници.

„Ситуацијата се влоши и сега излегува од контрола“, истакнал Инцко, предупредувајќи дека недостатокот на признание е „сеење семе“ за нови конфликти. „Затоа, верувам дека сега е потребно да се регулира оваа работа со законски решенија“.

Геноцидот во Сребреница се случи откако босанските Срби ја презедоа контролата над источната енклава во јули 1995 година. Тие погубија мажи и момчиња Бошњаци и ги фрлија нивните остатоци во масовни гробници, кои подоцна беа ископани и погребани за да се покријат злосторството. Посмртните останки на жртвите сè уште се откриваат и идентификуваат.

Бошњачките политичари и роднините на жртвите ја поздравиле одлуката на Инцко, која  беше одбиена од лидерот на босанските Срби, Милорад Додиќ, кој е член на мултиетничкото претседателство на Босна.

Во Сараево, обвинителството соопштило дека ќе ги следи сите изјави на поединци или групи и ќе постапува во согласност со законските измени.

Када Хотиќ, од групата „Мајки на Сребреница“ за роднини на жртвите, нагласила дека ваков закон требало да се донесе порано.

„Како и да е, ја поздравувам одлуката. Без прифаќање, нема прошка и нема да простувам сè додека некој не се изјасни за прошка“, изјавила таа.

 

Инцко ја напушта функцијата на 1 август, по неговата оставка во мај по 12 години на функцијата. Него ќе го наследи Кристијан Шмит од Германија.

„Совеста ми наложува да немам право да го завршам мандатот додека се прославуваат осудените воени злосторници“, додал Инцко.