Патувачкото кино на „МакеДокс“ од 15 до 20 јули во Кочани

Годинава патувачкото кино на „МакеДокс“ оди за Кочани. Проекциите на документарни филмови во рамки на програмата на патувачкото кино ќе се одржат од 15 до 18 и на 20 јули, на летна сцена пред НУ Центар за култура „Бели мугри“ во Кочани, со почеток во 21 часот.

На 19 јули патувачкото кино ќе има проекција и во селото Смилево, во Демир Хисар.

„Во свет што толку бргу се менува, па ‘човек не може двапати да влезе во иста река’, станува сè потешко да се разликува вистината од вештачката интелигенција и сè понеподносливо да се прифати дека постојат повеќе истовремени – а најчесто и неверојатно различни – реалности. Но, дури и во свет на контрадикторности, има нешто што човек, сепак, може беспогрешно да го разликува, иако се чини дека го снемува додека сè наоколу незапирливо тече. Тоа е она што никогаш не би требало да се промени, тоа е она што сакаме повторно да го исполни воздухот ко мирисот на липите во јуни и да натежне ко дрвјата полни со дудинки“, велат од „МакеДокс“.

Како што велат, тоа е обѕирноста, тоа е грижата за другиот, тоа е спремноста да се радуваме и да сочувствуваме со него. Но, за тоа да се случи, прво треба да ни биде гајле за реалноста. А за да ни биде гајле, треба да сме свесни дека никој од нас не е остров сам за себе, и дека без другите порано или подоцна ќе се удавиме, независно што, можеби, сега ни се чини дека добро пливаме.

„За реалноста би требало секому да му биде гајле. Уште повеќе кога реалноста е мачна, од непребол тешка, навидум безизлезна, па сакаме да е невистинита. Кога е таква, секој од нас треба да стори онолку колку што може, оти секој може да стори барем по нешто. Кога е таква, мора да го свртиме погледот не подалеку од болката, бесот и безнадежноста, туку токму кон нив и со сета сила да го преточиме субјективното во колективен чин на поддршка и да создадеме простор каде што ќе биде безбедно и добредојдено да се чувствува и наглас да се зборува за тоа. Оти, парадоксално, токму таму, од колективното извираат смислата и силата да се плови низ реалноста“, истакнуваат оттаму.

Секој од нас, додаваат, може да стори барем по нешто за сегашноста да биде поинаква. Ако ни е гајле за реалноста сега, нема да мора да береме гајле за иднината после.

Патувачкото кино на „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на Македонија, а се реализира во соработка со Support Kochani, НУ Центар за култура „Бели мугри“ и Општина Кочани.