Претставен „Прирачник за верификација“ – нова алатка за новинарите и граѓанските активисти

Центарот за развој на медиуми (ЦРМ) вчера, 1 јули 2025 година, го промовираше преводот на „Прирачник за верификација: Ултимативен водич за верификација на дигитални содржини во известувањето за кризни ситуации“ на Европскиот центар за новинарство (European Journalism Centre – EJC). По промоцијата, што се одржа во хотел „Холидеј ин“ во Скопје, следеше панел-дискусија на тема „Истражувачко новинарство за ерата на информативен неред“.

„Прирачникот за верификација е извонреден нов ресурс што ќе им помогне на новинарите, но и на хуманитарните работници, на службите за помош и справување со кризи, полесно да се справуваат со напливот на информации и кориснички содржини што во ерата на социјалните медиуми и мрежи ги следи сите настани, а особено кризните ситуации, природните непогоди и катастрофи и други вонредни настани“, соопштуваат од Центарот за развој на медиуми.

Иако Прирачникот прв пат е објавен пред девет години, во 2016 година, креаторите посочуваат дека тој останува релевантен.

Како што посочи Бјанка Леменс од Европскиот центар за новинарство: „Често ме прашуваат – добро, ова е од пред девет години. Како може сè уште да е валидно? Гледајќи го бројот на симнувања и професорите што го користат прирачникот во академските студии на факултетите по новинарство… останува актуелно поради процесите што ги опишува. Алатките се менуваат, особено денес со настапувањето на вештачката интелигенција, што беше спомнато, но процесите, чекорите што треба да ги следите, сите мали нешта за кои треба да бидете свесни… тука нема некоја особена промена. Значи, ако го користите Прирачникот, ќе стекнете подобро разбирање за тоа низ што треба да поминете при верификацијата на кориснички содржини на социјалните мрежи и сè друго“, рече Бјанка Леменс (Bianca Lemmens) од Европскиот новинарски центар.

Бјанка Леменс ги најави и плановите за издавање на нов, четврти прирачник во серијата, што ќе биде посветен на верификација на визуелни и видео материјали.

Од Центарот посочуваат дека „Прирачникот за верификација“ е особено значаен од гледна точка на времето во кое живееме, во кое проверката и потврдата (или раскринкувањето) на информациите што граѓаните и други актери ги поставуваат на социјалните мрежи станува една од главните задачи на новинарите во известувањето, како во време на кризи и вонредни настани, така и во секојдневното известување, но и во склоп на борбата против дезинформациите и медиумските манипулации.

Објавувањето на овој прирачник значи заокружување на досега објавените изданија во рамките на серијата „Прирачник за верификација“, а ЦРМ планира да ги локализира и идните изданија што ќе бидат подготвени и објавени во рамките на серијата.

Фото: Центар за развој на медиуми

По претставувањето на Прирачникот, за местото и третманот на истражувачкото новинарство во менстрим медиуми и неговото значење во обезбедувањето квалитетно информирање во „ерата на информативен неред“ говореа професор Д-р. Јасна Бачовска Недиќ од Студиите по новинарство на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, професор Д-р. Сефер Тахири од Универзитетот на ЈИЕ во Тетово, и Маја Јовановска од Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ).