Уметницата Анастасија Зафировска – Валхериен денеска ќе ја има својата прва самостојна изложба на низа илустрации насловена „Скриениот свет“, со почеток од 17:30 часот во дворот на здружението за креативна одржливост „Комбо“ во скопска Железара. Со традиционални звуци излезени од богатата музичка историја на Македонија ќе ја придружуваат Ива Петровска и Дамјан Поповски.
„Пресреќни сме дека замислата за тоа што треба да биде ‘Комбо’ пополека ни се остварува, благодарение на прекрасните луѓе кои патот ги донел до нашето катче. При една посета на ‘Комбо’, ги запознавме прекрасната уметницата Анастасија и музичките светулки Ива и Дамјан. Затоа преголемо задоволство ни претставува што истите го избраа ‘Комбо’ како простор кадешто за првпат ќе ги промовираат своите уметнички и музички таленти јавно“, велат од здружението.
Како што посочуваат тие, Зафировска со својата прва самостојна изложба на низа илустрации ќе не одведе на едно место исполнето со магија и убавина, а Петровска и Поповски ќе го надополнат тоа чувство со традиционални звуци.
„Се гледаме оваа сабота, од 17:30ч во нашето дворче, заедно да се нурнеме во светот кој со многу љубов го креираше Валхериен“, додаваат од „Комбо“.