На кејот на Вардар вечер ќе биде отворена изложбата „Просторни реадаптации 4“

„Просторни реадаптации 4“ е изложба на Скопската плажа како место за културна практика, каде што група автори со своите мултидисциплинарни и инвентивни истражувања го трансформират отворениот простор на некогашната скопска плажа, преполнувајќи го со разновидни концепти кои нудат свежи перспективи и давајќи му нова смисла.

„Затоа, повторно оваа година на 7 јуни (денес, сабота) во 19:30 ч. ќе се оствари ново pop-up продолжение, Просторни реадаптации 4: Скопската плажа како место за културна практика со учество на повеќе автори кои имаат цел да ги претстават и иновативно да ги реадаптираат сопствените дела во склопот на скопската плажа, од која што е оставена само металната конструкција како додаток за изложбено поигрување. Покрај тоа, очекувајте да ги погледнете и да ги доживеете овие трансформации на просторот од автори кои третираат разновидни уметнички дисциплини“, стои во најавата на изложбата.

Во ова издание учествуваат авторите: Ивана Ќ. Самандова, Доротеј Нешовски, Маја Кировска, Драганчо Таневски, Дијана Томиќ Радевска, Озбек Ајваз, Ана Трајковска, Ѓорѓе Јовановиќ, Јана Јакимовска и Перо Кованцалиев – автори кои ќе ја приближат уметноста до секојдневието на граѓаните и ќе овозможат поблиско запознавање на македонските уметници и различните изведби на денешната современа уметност.

„Ве очекуваме на нашата pop-up  изложба на кејот на Вардар 7 јуни, која започнува во 19:30 и трае до 23 часот“, посочуваат уметниците.

Дизајнот е на Ивана Ќ. Самандова

Проектот е поддржан од Министерство за културa и туризам.