Вчеравечер започна дваесет и четвртиот „ОФФест“ со Драган и Ратко Даутовски и италијанскиот музички ансамбл „Canzoniere Grecanico Salentino“ во Националната опера и балет.
Звучни вредности извлечени од длабочината на нашата фолклорна ризница, често надградени и осовременти, се уметничкиот белег на Драган Даутовски, кој е иницијатор на страста за музика кај неговиот син Ратко.
„Canzoniere Grecanico Salentino“ (CGS) по девет години повторно се вратија на „ОФФест“ и ги донесоа тантра ритмите кои исцелуваат и пулсираат повеќе од педесет години. Како што пишуваа од фестивалот во најавата за ансамблот, тоа се половина веќ на исклучително возбудлива музика и сензационални живи настапи.
CGS ги основа фамилијата Дуранте во 1975-та година, а сега ги предводи визионерот наследник Мауро Дуранте. Ансамблот континуирано ги негува своите корени од јужна Италија и ја носи традиционалната жештина на сцените низ светот. Вчеравечер, ја донесоа на сцената на НОБ.
Денеска пак, со почеток во 20 часот на сцената ќе се качи Кимо Похјонен, своевиден револуционер на хармониката, а заради специфичниот стил на свирење е исклучителен и во глобални рамки.
„Имајќи ги предвид неговите уникатни проекти и композиции, Похјонен е еден од ретките артисти кои создале нов и независен жанр. Со децении редовно настапува по светот и бил на програмата на фестивали и клубови со фокус на различни музички правци. Низ долгата и плодна кариера се впуштил во проекти кои можат да се дефинираат како рок, фолк, авангарда, импровизација и класична музика. А тука се и театарските и танцови перформанси. Оригиналните и екстремни композиции, аудио деталите и анимираниот настап на сцена се главните причини зошто Похјонен е на светската мапа“, стои во најавата.
По него ќе настапи можеби најизвиканото име на фестивалот – Марија Жоао. Таа неодамна издаде албум со кој ја прослави 40-годишната кариера. Снимен во Лисабон и во Мозамбик, „Abundância“ (2025) е плоча за нејзиното враќање кон корените.
„На сесиите во Мозамбик учествуваат локални музичари и чудесен хор кои оставаат печат на изданието продуцирано од мајсторот на електроника, Луиш Фернандеш. Секогаш отворената приказна на Марија Жоао повторно нуди нова визија која во една песна може да премине од џез во електроника и да го адаптира гласот на нотите на инструментите“, посочуваат организаторите на „ОФФест“, кој, после Лисабон, ќе биде првата европска концертна премиера на новиот проект.
Vieux Farka Touré – сахарскиот Џими Хендрикс, како што неодамна „Гардијан“ го нарече, е најавен како прв настапувач на 7 мај, сабота, од 20 часот во НОБ. По него ќе настапи Флоренс Адони, чија музика е синтеза од Фрафра госпелот и живиот и оптимистички хајлајф звук. Но, како што велат организаторите, и многу повеќе од тоа.
Последниот ден, 9 јуни (недела), „ОФФест“ се сели во Младинскиот културен центар (МКЦ). Таму во „Фросина“ во 20 часот најпрво ќе има концерт на словачката пејачка Јулија Козакова, најпозната по својата соло кариера и нејзиниот албум „Manuša“ од 2022 година. Фестивалот во денсинг салата на МКЦ од 22 часот ќе го затворат два гитарски бендови. Првиот е „Mordái“, фолк-рок бенд во најголема мера инспириран од репертоарот на унгарските експериментални фолк музичари од 60-те и 70-те, чиј специфичен звук го отсликува мрачниот дух на друмските одметници.
Крајот за „ОФФест“ е за домашниот состав „Луфтанза“. Тие се формираа во 2020 година и со 4 албуми, 5 години подоцна, прераснаа во кормиларите на свежиот бран во македонската алтернативна музика.
Фото: Татјана Ранташа