Русија преку ноќ го започна најголемиот напад со беспилотни летала врз Украина во повеќе од тригодишната војна, изјави денеска украински функционер. Претседателот Доналд Трамп рече дека рускиот лидер Владимир Путин „полудел“ со засилување на бомбардирањето на Украина токму кога САД се обидуваат да посредуваат за мир, пренесува новинската агенција АП.
Руското бомбардирање вчеравечер вклучуваше 355 дронови, изјави Јуриј Ихнат, началник на одделот за комуникации на украинските воздухопловни сили.
Претходната ноќ, Русија испали 298 дронови и 69 ракети од различни видови кон Украина во она што Украинците го оценија како најголем комбиниран воздушен напад за време на конфликтот. Од петок до недела, Русија лансираше околу 900 беспилотни летала кон Украина, соопштија официјални лица.
Ескалацијата се чини дека ги попречува надежите дека мировните напори на Трамп би можеле да доведат до решение во блиска иднина, бидејќи Путин изгледа решен да освои повеќе украинска територија и да нанесе поголема штета.
Русија овој месец го сруши својот рекорд за воздушни бомбардирања на Украина три пати. Проширувањето на нејзината воздушна кампања дојде откако Киев во март прифати безусловно 30-дневно примирје предложено од САД, но Москва го отфрли.
Русија, исто така, сè уште се движи по линијата на фронтот долга околу 1.000 километри, каде што постигна бавен и скап напредок, и ги собира своите сили за летна офанзива, велат украинските и воените аналитичари.
„Само чувството на целосна неказнивост може да ѝ дозволи на Русија да извршува вакви напади и постојано да го ескалира нивниот обем. Нема значајна воена логика во ова, но има значително политичко значење“, напиша украинскиот претседател Володимир Зеленски на Телеграм денеска.
Тој го повтори својот повик за построги меѓународни економски санкции врз Русија како начин за завршување на војната, бидејќи „желбата на Русија за борба мора да биде лишена од ресурси“.
Врвниот дипломат на Европската Унија, шефицата за надворешна политика Каја Калас, во понеделник ги опиша најновите напади врз Киев како „тотално ужасни“ и рече дека блокот има намера да воведе повеќе санкции врз Русија.
Трамп се закани и со масовни санкции кон Москва, но досега не презеде никакви мерки.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека Путин донесува одлуки што се неопходни за да се обезбеди безбедноста на Русија и дека нападите биле одговор на Москва на длабоките напади од страна на Украина. Русија е благодарна за американските напори за воспоставување мир, што ги вклучуваше првите директни мировни преговори меѓу земјите за три години, рече Песков. Тој додаде дека преговорите се во „пресуден момент што е поврзан со емоционално преоптоварување за сите и емоционални реакции“.
Украинските бројки за тоа колку дронови и ракети биле испукани не можеа да бидат независно потврдени.
Трамп јасно стави до знаење дека губи трпение со Путин. „Секогаш сум имал многу добри односи со Владимир Путин од Русија, но нешто му се случи. Тој полудел!“, напиша Трамп во објава на социјалните мрежи во неделата вечерта. Трамп рече дека Путин „непотребно убива многу луѓе“, истакнувајќи дека „ракети и дронови се испукани во градовите во Украина, без никаква причина“.
Американскиот претседател предупреди дека ако Путин сака да ја освои цела Украина, тоа ќе „доведе до пропаст на Русија!“ Но, Трамп изрази фрустрација и од украинскиот претседател Володимир Зеленски, велејќи дека тој „не ѝ прави услуга на својата земја со тоа што зборува на начинот на кој зборува“.
Русија и Украина разменија уште стотици затвореници во неделата во третиот и последен дел од големата размена што беше редок момент на соработка. Руското Министерство за одбрана соопшти дека секоја страна разменила 303 војници, по ослободувањето на 307 борци и цивили во саботата и 390 во петокот – најголемата вкупна размена на војната.
Во нивните разговори одржани во Истанбул претходно овој месец, Киев и Москва се согласија да разменат по 1.000 воени затвореници и цивилни притвореници. Размената е единствениот „опиплив“ исход од разговорите.