или „Што јас и моите другар(к)и научивме самоорганизирајќи го културниот живот во нашиот град“
Откако знам за себе како некаков активен чинител во општествово во кое живееме, на еден или друг начин сум бил дел од она што се нарекува „независна сцена“.
Во различни кругови и периоди придавката пред „сцената“ била различна, некогаш и за некој била „андерграунд“ (наспроти „комерцијала“), „алтернативна“ (наспроти „мејнстрим“), а за мене таа секогаш била „независна“, од една проста причина — тоа што сме го правеле или од кое сме биле дел, никогаш, ни најмалку, не зависело од никого, освен од самите нас и од луѓето кои нè опкружуваат, со кои делиме идеи, желби, страсти и волја за градење некој наш, послободен свет.
И така започнавме. Прво како деца во публика на свирки и протести, потоа како дел од бендови кои силно веруваат во „Направи заедно“ етиката, и за крај како дел од еден куп иницијативи со една основна цел: подобрување на нашата најблиска околина, без разлика дали е преку окупирање на факултети, основање на задруга, чистење на разрушено кино со надеж за културен центар, организирање свирки, проекции, дискусии или издавање на книги и фанзини полни со дела од млади уметници.
Последниве две години, оснажени после хибернацијата наметната од ковидот, на Битола ѝ се деси своевидна ренесанса, се вратија неколку иницијативи како Дебатното кино Контра кадар, open-air метал фестивалот Metal Discharge и екипата позади него, а зачна и Пондер, иницијатива која е своевиден органски продолжеток на мојот независнокултурен ангажман од последните 12 години.
Како и обично, јас сум опседнат со бројки, па така и ќе почнам, и ќе споделам само дека, во две години, Пондер, Контра кадар, Metal Discharge и пријателите:
– Организираа 32 концерти на 57 бендови од 13 држави
– Четири open-air Metal Discharge фестивалски изданија од 2022–2025, со вкупно 36 бендови од Македонија и регионот
– 28 проекции на филмови и дискусии со 21 гостин/ка
– Издадоа 10 печатени изданија
– Набавија 150+ книги за бесплатната Контра библиотека
– Организираа Фијук саем на независна уметност со 30+ излагачи, саем на книгата и стрипот, како и два тематски неколкудневни мини-фестивали по повод 11 Октомври и 8 Март.
– Обезбедија целосна опрема за самостојна продукција на мали културни настани, мало озвучување, целосна бинска опрема, неколку светла, проектор, платно, принтер и мал агрегат
– Имаа точно 0 денари лична заработка и секој прилив на пари, без разлика по кој основ, го вратија во „буџетот“ — за организација на настани, покривање на финансиски дупки и за надоградување и надополнување на опремата.
Но „цената“ на независноста не завршува тука, на тие 0 денари кои нема да ги земеме за нас кога ќе има прилика.
Вистинската цена која ја плаќаме е во форма на (навидум невидливот) труд и обврски кои секој од нас во иницијативите треба да ги преземе за еден настан да се случи.
Почнувајќи од осмислување и планирање на настанот, преку букирање на артистите, гостите, просторот, сместувањето, обезбедување превод за филм, промоција на настанот, логистика, а заклучно со физичката работа — кревањето и носењето на сите звучници, појачала, инструменти, кабли (не сте свесни колку многу кабли), платна, проектори и столици, и нивното собирање и прибирање после крајот на настанот.
Така, најголемиот дел од цената на независноста ја плаќаме со психофизички труд и трошење на голема количина од нашето слободно време (бидејќи сите работиме други работи за да преживееме), со ставање на нашиот ум, тело и (во најголема мера) кичма on the line за да создадеме нешто убаво, не само за нас, туку за целата заедница.
Земајќи го сѐ ова предвид, апсолутно свесни сме (како што многу наши блиски често нѐ потсетуваат), дека дејствувањето „независно“ не е најинтуитивниот начин на работење во капиталистичкиот хелскејп во кој ја имаме несреќата да егзистираме.
Неумоливиот притисок секој момент од нашето постоење и секоја наша преземена активност да се гледа како нешто што треба да се наплати и од кое треба да се заработи, прави сите ние кои со бескомпромисно цврст стисок се држиме до овој начин на функционирање да изгледаме како будали, или во најмала рака да се гледа со сомнеж кон нашите искрени намери.
Секако, нас тоа не нѐ допира нешто премногу, од проста причина што ние не сакаме претопување на културната сцена во културна индустрија. Не го сакаме светот каде наместо заемна солидарност, градење силна заедница и славење на уметноста која искрено нè инспирира и возбудува, фокусот да биде на правење дилови, проценки што добро ќе се „продава“ и бескрајни математики за исполнување лични интереси, комплетно одземајќи ја човечката димензија во создавањето и восприемањето култура која е жива.
Затоа е нужно и побитно од било кога да го создадеме и одржуваме контрапунктот кој ќе пркоси на капиталистичката ментална матрица, да согледаме и усвоиме дека има „поскапи“ работи од краткорочна заработка на грбот на некој млад бенд или уметник, и цврсто да веруваме, дека на крајот на денот, сѐ ова што го правиме ќе ни се исплати во некоја поинаква форма.
Цената на независноста не е мала, но е права ситница во споредба со другата опција, каде се нема никаква контрола врз сопствената судбина и константно се чека на некој „од горе“ да каже што е добро, а што не, што може, а што не смее да се направи.
Е сега, ќе лажам ако речам дека ние, моментално активните чинители во битолската независна сцена, можеме ова да го правиме бесконечно. Искрено, повеќето од нас имаме околу 30тина години плус-минус, и го правиме ова повеќе од една декада, и скоро константно сме на раб на прегорување.
Објективно, очајно ни фали трансфузија на свежа крв во иницијативите, некој да стави рака за кревање на тежок вуфер, да помогне со превоз на опремата, да издизајнира постерче, да води социјални мрежи, да помага, да учи и да се надоградува, за жарчето искрен пркос да се одржува во живот, без очекувања на некаква краткорочна компензација.
Затоа, ве повикувам — вклучете се во некоја локална иницијатива или почнете своја, плаќајте карти за настани, донирајте, работете и создавајте, бидејќи само така, со градење на цврста паралелна сила која не зависи од никого друг освен од нас, можеме ефективно да понудиме алтернатива на системот кој секојдневно нѐ цица и нѐ обесхрабрува дека поинаков свет не е можен.
A jас сум убеден дека тој свет веќе постои.
Бојан Станиќ
Бојан Станиќ е активен дел од независната културна сцена над 10 години, преку различни иницијативи во неговиот роден град, Битола. Меѓу нив, дел и основач е на независната културна иницијатива „Пондер“, Дебатното кино „Контра кадар“ и бесплатната радикална библиотека „Контра библиотека“. Покрај тоа последниве 12 години активно свири и по бендови („Yöu“, „Molokai“, „Heart-on-sleeve“, „Red Sails Billow“, „Ема“), а има издадено и една збирка поезија и еден краток стрип.
*Ставот на Станиќ првично е објавен преку medium.com/@bojan.stanikj
**Мислењата изнесени во рубриката „Став“ се на авторот и ненужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на Радио МОФ