Работилници, предавање и урбано готвење на „Градот како сцена: Еколошки иднини“ од 28 до 31 мај во Скопје

Во периодот од 28 до 31 мај, во кино во Железничка зграда и Архитектонски факултет во Скопје ќе се одржи мултидисциплинарниот истражувачки проект „Градот како сцена: Еколошки иднини“, кој ги поврзува современите просторни практики со урбаната еколошка трансформација.

„Преку серија работилници и јавно предавање, проектот се занимава со начините на кои градот има потенцијал за трансформација во сцена за заедничко и солидарно делување, низ принципите на демократијата и меѓусебното поврзување“, велат од Факултетот за работи што не се учат (ФРУ).

„Градот како сцена: Еколошки иднини“ во фокус ги има студентите, уметниците, архитектите и локалната заедница како клучни актери за создавање на нови модели на урбано живеење.

„Преку истражување на концептот на ‘урбано готвење’ и сценографски просторни интервенции во јавниот простор, се развиваат конкретни алатки и решенија за управување со просторот што ги поттикнуваат демократијата, еколошкото учество и активизмот“, раскажуваат организаторите.

Фото: ФРУ

Проектот е дел од пошироката eдукативна лабораторија за просторно изведувачки практики „Градот како сцена“, која од мај до ноември годинава организира различни активности за развој на еколошки и социјално одржливи урбани интервенции.

Од 28 до 31 мај, од 15 до 19 часот ќе се одржат работилници со студенти на Архитектонскиот факултет – УКИМ, во која преку практични вежби и сценографски просторни интервенции се истражуваат нови форми на урбано живеење и управување со јавниот простор. Работилницата ја водат Кристин Лаз и Дејвид Нил Морси од „Floating University Berlin“ – познат интернационален архитектонско-уметнички експериментален колектив посветен на одржлив развој и урбани трансформации. Заинтересираните може да се пријават на следниот линк.

На 28 мај од 19:30 часот во амфитеатарот на Архитектонскиот факултет, Кристин Лаз и Дејвид Нил Морси ќе одржат јавно предавање за методи на урбана пракса, каде ќе презентираат примери од нивната работи и ќе дискутираат за улогата на просторните интервенции и колективниот пристап кон урбаните предизвици.

Колективно готвење – перформативна јавна презентација на резултатите од работилницата „Иднината на киното“ – спој на урбано готвење и просторни интервенции како модел на управување и соработка во јавниот простор ќе се одржи на 31 мај од 12 до 15 часот во кино на Железничка зграда.

„Овој проект ја става во центарот трансформацијата на урбаниот простор преку фокус на локалните актери и практики. Преку принципот ‘од долу нагоре’, се овозможува солидарно и активно учество во креирањето на просторите, промовирајќи демократски и социјално праведни модели кои го поврзуваат локалното со глобалното. Проектот успешно ја спојува еколошката свест со социјалниот дискурс, поддржувајќи визии за одржливи иднини кои веќе ги развиваат бројни актери од уметничката и академската сцена“, истакнуваат од ФРУ.

Фото: ФРУ

Инаку, долгорочниот уметничко-кураторски проект „Градот како сцена“, инициран од Филип Јовановски, претставува едукативно истражувачка и продукциска лабораторија. Оваа платформа, преку создавање активности, кои најчесто имаат перформативен завршеток, има за цел да истражува различни медиуми и нивната интердисциплинарна конекција – визуелна уметност, архитектурата, театар, видео, филм и просторни инсталации.

„Пристапот и методата на работа, исто така, ја истражува уметничката изразност и потенцијал и во областа на сценографијата како и нејзиното проширено значење, често артикулирано низ новите/современи дефиниции на терминот сценски дизајн, ‘нова’ дисциплина која обединува во себе повеќе уметнички медиуми и создава комплексен (сценски) простор на доживување. Исто така, една од идеите на овој проект е поврзувањето на просторот/архитектурата, градот и театарот/сцената и како од сето тоа да се извлече приказна, која подоцна ќе прерасне во изведба (интервенција) во јавен простор“, посочуваат организаторите.

Додека, лабораторијата за просторно изведувачки практики „Градот е сцена“ претставува интердисциплинарна платформа, која во својот фокус го има истражувањето, разбирањето и создавањето на современиот јавен (изведбен) простор преку експериментален, процесен и колаборативен пристап.

„Покрај вклученоста на студентите и граѓаните во работа кој претставува основа за градење на содржината на проектите со кои ќе се занимава лабораторијата, ваквиот пристап овозможува и можност за активирање на соработка со разни институции на државата и локалната самоуправа, но и проектни соработки со слични колективи од регионот и од Европа кои веќе имаат остварено значителни успеси во процесите на одржување и надградување на вредностите поврзани со дискурсот на јавното во градовите“, појаснуваат од ФРУ.

Овој пристап на работа е започнат со долгорочниот проект „Кога зградите би зборувале“ (2014 – ) каде во фокус на работата беше урбаната заедница (станарите) во киното на Железничка зграда (јавен простор) во Скопје, проект кој беше претставен во рамки на Прашкото квадриенале за дизајн на перформанс и простор (PQ2019), добитник на главната награда „Златна Трига.