Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ како дел од проектот „Кадар-на“ (анг. Her frame, во буквален превод „Нејзин кадар“) ја поддржува иницијативата за надминување на родовата нерамноправност во филмскиот сектор и отвора повик за менторска програм за сите млади филмски работнички кои сакаат да се усовршат.
„Постоењето на родовата нерамноправност е утврдено на сите нивоа во аудиовизуелната индустрија, а оваа програма е наменета за нови и млади уметници, филмски работнички кои сакаат да ги усовршат своите знаења и вештини со поддршка од истакнати експерти од филмскиот свет, преку онлајн работилници и интензивна менторска програма“, велат од „Браќа Манаки“.
Повикот е отворен до 9 јуни и за да се пријавите, неопходно е да го пополните формуларот даден тука. Резултатите ќе бидат објавени на 16 јуни.
Учесничките ќе имаат можност да следат пет онлајн работилници со експертки од филмскиот свет, конференции во Нови Сад и во Битола, три мастер-класови, менторска програма и претставување.
Проектот „Кадар-на“ е поддржан од Британскиот совет како дел од проектот „Култура и креативност за Западен Балкан“ (анг. Culture and Creativity for the Western Balkans – CC4WBs), кој е финансиран од Европската унија и има за цел да го поттикне дијалогот во Западен Балкан преку зајакнување на културните и креативните сектори за да се оствари поголемо социо-економско влијание. Проектот „Кадар-на“ е во заедничка реализација на Филмскиот фестивал во Нови Сад и Филмскиот фестивал „Браќа Манаки“.