Фестивалот на млади виолинисти „Виолин Фест“ годинава со офф-програма во Битола

Фестивалот „Виолин Фест“, чија мисија е да ѝ даде сцена на младата виолинска иднина, годинава го одбележува своето 11-то издание – и тоа со симболично враќање таму каде што сè започна, во Битола. На 8 мај со почеток во 12 часот ќе се одржи јавен час и презентација на фестивалот во Музичкото училиште во Битола. Додека, на 12 мај во 20 часот ќе започне концертот во Официрски дом, со настапи на млади виолинисти од музичките училишта од Битола, Прилеп и Охрид, кои, како што велат од фестивалот, преку својот труд и талент ја раскажуваат иднината на класичната музика.

„Пред главниот концерт што ќе се одржи на 9 јуни во 20 часот, во Камерната сала на Македонската филхармонија во Скопје, ‘Виолин Фест 2025’ започнува со офф-програма во Битола, градот што отсекогаш дишел музика. Град со традиција, со училишта што изградиле генерации музичари и со атмосфера што потсетува дека културата не е украс, туку суштина. Оваа година, фестивалот ѝ се поклонува на таа суштина – на корените“, велат од „Виолин Фест“.

Фестивалот е основан од виолинистот Владимир Костов, чии први музички чекори исто така водат од Битола.

„Од училишните клупи до големите сцени – неговата инспиративна приказна станува и приказна на сите оние што го препознаваат ‘Виолин Фест’ како простор каде што младите таленти добиваат глас, шанса и публика која слуша со отворено срце“, пишува во соопштението.

„Оваа година, фестивалот не е само уште едно издание. Тој е посветеноста на виолината како инструмент – од скромност до страст, од Битола до Скопје, па и светот, од првата нота до аплаузот што значи продолжи“, истакнува Костов.

Влезот за сите настани е бесплатен.

Проектот е поддржан од Министерство за култура.