Вечер на македонска поезија и изложба по повод денот на македонскиот јазик во КИЦ во Загреб

Вечер на македонска поезија и изложба „Македонска книжевна стерна“ по повод денот на македонскиот јазик ќе се одржи денеска (5 мај) со почеток во 19 часот во Културно-информативниот центар (КИЦ) во Загреб.

Ќе бидат претставени современи македонски поети со цел запознавање на хрватската читателска публика со современите текови на македонската поезија, авторите ќе читаат на македонски јазик, а на хрватски јазик нивната поезија ќе ја интерпретираат студенти од Лекторатот по македонски јазик при Филозофскиот факултет во Риека.

На изложбата „Македонска книжевна стерна“ ќе бидат претставени публикации поврзани со македонскиот јазик и неговата кодификација, како и публикации од авторите учесници на поетското читање.

Во рамките на настанот ќе биде претставена работата на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ и Лекторатот по македонски јазик при Филозофскиот факултет во Риека.

Инаку, настанот се организира во рамки на Програмата за одбележување на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик од Амбасадата на Р.С. Македонија и македонскиот КИЦ во Загреб во соработка со Лекторатот по македонски јазик при Филозофскиот факултет во Риека. „Вечер на македонска поезија“ е проект на издавачката куќа ,,Восток“.