Новинарите во Македонија не работат во непријателска средина, но широко распространетите дезинформации и недостатокот на професионализам придонесуваат за намалување на довербата во медиумите. Дополнително, владините претставници покажуваат тенденција на лош и понижувачки став кон новинарите.
Ова го констатираат „Репортери без граници“ во новиот извештај за Индексот на слободата на медиумите, според кој, ваквата состојба ги изложува независните медиуми на закани и напади, поради што земјата бележи пад од шест места од лани и годинава таа е рангирана на 42 место од 180 држави.
Македонија годинава забележала пад по три од пет индикатори по кои се мери слободата на медиумите. Најголем пад има по политичкиот индикатор, односно 9 поени поради што од 38 на паднала на 50 место. Репортери без граници констатираат дека иако севкупните услови остануваат поволна за слободата на медиумите, владините агенции не се многу транспарентни, а критичкото новинарство е сè повеќе предмет на напади.
„Поради силната политичка поларизација, медиумите можат да бидат под притисок од властите, политичарите и бизнисмените и на национално и на локално ниво. Двете најголеми партии (на власт и во опозиција) создале паралелни медиумски системи врз кои го вршат своето политичко и економско влијание. Јавниот радиодифузен сервис нема уредничка и финансиска независност“, се наведува во извештајот на „Репортери без граници“.
Пад од речиси пет поени земјата бележи по социјалниот индикатор, односно се констатира дека социјалните медиуми и дигиталната сфера генерално шират дезинформации и сајберзакани, што со ниските професионални стандарди придонесува за намалување на довербата во медиумите и отвора простор за напад врз новинарите по основ на род, етничка припадност и религија.

Извор: „Репортери без граници“
Ситно зголемување на поени за слободата на медиумите земјава забележала по однос на правната рамка за 0,25 поени и безбедност за 0,01 поен.
Во економскиот индикатор пад е забележан за пет песта и се констатира дека освен економски притисок врз уредниците од сопствениците и државното финансирање е ограничено и нетранспарентно, а независните медиуми во голема мера се потпираат на донатори.
„Новинарството е многу несигурна професија. Некои медиумски куќи се подложени на влијание од страна на маркетинг агенциите“, се наведува во извештајот.
„Репортери без граници“ наведуваат дека иако телевизиите продолжуваат да бидат доминантен извор на информирање во земјата, онлајн медиумите играат важна улога, при што мора да се направи разлика меѓу професионалните он-лајн медиуми со оригинални текстови и порталите кои пласираа плагијати и копи-пејст содржини.
„Исто така, постои и голем јаз помеѓу гледаноста и довербата: најгледаните телевизиски станици – Алсат, Сител, МТВ1, Канал 5 – имаат низок индекс на доверба“, се наведува во Извештајот на „Репортери без граници“.
Вкупната состојба со слободата на медиумите во Македонија инаку е оценета како „задоволителна“ и пред Македонија од регионот се само Словенија и Црна Гора, а зад неа се Бугарија, Хрватска, Албанија, Босна и Херцеговина, Грција, Србија и Косово.
ЗНМ: Извештајот е реален показател за потребата од реформи во медиумскиот сектор
Здружението на новинарите на Македонија го смета извештајот за реален и балансиран приказ на состојбите, кој, како што посочуваат, јасно ги посочува постојните предизвици и потребата од суштински реформи.
„Во правниот дел, извештајот нотира дека националното законодавство сè уште не е усогласено со европските стандарди, а злоупотребата на т.н. SLAPP тужби (стратешки тужби против јавна партиципација) останува механизам за притисок врз критичките медиуми и новинари. Во делот за безбедност, и покрај позитивниот чекор со назначувањето на контакт точки во ЈО и МВР за случаи на напади врз новинари, извештајот бележи продолжени случаи на заплашување, притисоци и напади кои го нарушуваат чувството на сигурност кај новинарите, особено кај оние што известуваат за злоупотреба на моќ и корупција“, потенцираат од ЗНМ.
Воедно, напоменуваат дека извештајот укажува на тенденцијата носители на јавни функции да имаат негативни и понижувачки ставови кон новинарите, а таквиот однос создава атмосфера на недоверба и недостоинство, која лесно се прелева и во јавниот дискурс, но и во реални закани и напади врз новинари.
„Во економскиот дел, се истакнува дека финансирањето на медиумите е ограничено и нетранспарентно, а редакциите често се подложни на економски влијанија. Извештајот се однесува на изборната 2024 година, во период на поларизирана политичка клима која резултираше со засилен партиски дискурс во јавната комуникација и медиумите“, забележува ЗНМ.
Овие наоди, според ЗНМ, претставуваат јасен сигнал до институциите дека се неопходни итни и координирани реформи за зајакнување на медиумскиот сектор и подобрување на положбата на новинарите.

Илустративно фото: Envato
Оттука, според најстарото медиумско Здружение, клучните приоритети треба да бидат околу усогласување на националното медиумско законодавство со Европскиот акт за слобода на медиумите (EMFA), за да се обезбеди покохерентна и транспарентна правна рамка.
Исто така, бараат формирање фонд за поддршка на медиумскиот плурализам, со цел зајакнување на независноста и одржливоста на професионалното новинарство.
„Ефикасно решавање на сите сериозни случаи на закани и напади врз новинари, вклучувајќи проширување на институционалните механизми и надвор од главниот град.Воведување на правни заштити против злоупотреба на SLAPP-тужбите, со цел заштита на новинарите кои известуваат во интерес на јавноста“, потенцираат од ЗНМ.
Понатаму за политичарите, особено оние на позиции на моќ, велат дека треба да преземат одговорност и да придонесат кон создавање на култура на почит, транспарентност и конструктивна комуникација со медиумите.
„Преку јавно признание на улогата на новинарите во демократското општество и воздржаност од навредлив говор, може значително да се подобри целокупната медиумска средина и да се зајакне довербата на јавноста“, децедни се од ЗНМ.
ЗНМ останува посветено на поддршка на реформите што ќе ја унапредат слободата на изразување, ќе ги подобрат условите за работа на новинарите и ќе придонесат кон зголемување на довербата на јавноста во медиумите.
Бојан Шашевски