Мета факт: Владата не создаде и не објави регистар на млади умови

Во Програмата за работа на Владата на Македонија од 2022 година, потпишана од тогашниот мандатор Димитар Ковачевски, во делот насловен како „Младите во фокусот“, е наведено ветување дека ќе се создаде и објави, „регистар на наши млади умови ширум светот“, кои треба да учествуваат во креирањето политики. Според одговорите што ги добивме од Владата, ваков регистар не постои, со што ова ветување го оценуваме како неисполнето, пишува Мета.мк.

Во Програмата за работа на Владата за периодот 2022-2024 година, на 43 страница, е наведено следново:

„Ќе се создаде и објави регистар на наши млади умови ширум светот и нивно активно вклучување во креирање политики и подобри општества со цел да се искористи нивниот потенцијал и знаење.“

За одговори на прашања поврзани со оваа тема, Мета.мк се обрати во Владата. Прашавме до каде е исполнувањето на ова ветување, односно, колку млади умови има во регистарот, од кои области се истите, како и на кој начин тие придонесуваат во креирањето политики и подобри општества за младите. Според одговорите, ваков регистар во моментов не постои. Од таму единствено добивме дополнителни информации за други теми кои се однесуваат на младите во државата.

„Владата на 187 седница ја усвои Националната стратегија за млади 2023-2027 и Акцискиот план 2023-2025 на Националната стратегија за млади 2023-2027. Со Националната стратегија и акцискиот план се предвидени низа активности за младите вклучувајќи и „Развивање на алатка за мониторинг на примена на Закон за младинско учество и младински политики“. Со оваа алатка, ќе се следат сите иницијативи од страна на младите вклучувајќи ги и иницијативите кои доаѓаат од локалните центри на млади, младинските совети при општините, канцелариите за млади или службениците за млади а реализацијата на оваа активност е предвидена со новата стратегија за млади и акцискиот план“, наведено е во одговорите од Владата.

Од владата додаваат дека во таа стратегија и акциски план можело да се види дека се предвидени низа активности кои специфично ги таргетираат младите умови како група.

„Преку планот на реализација, треба да се создадат услови за нивно вклучување во креирање на политики и носење на одлуки, со цел да се вклучат во донесувањето на одлуките за иднината на младите. Неколку од приоритетните области во стратегијата се младинско учество, младинско информирање, младинска работа, образование, култура, здравје, претприемништво и поддршка пред вработување и безбедност. Националната стратегија и акцискиот план се достапни за преземање на овој линк“, наведено е во одговорите од Владата.

Врз основа на одговорите до кои дојде Мета.мк, може да се заклучи дека Владата до денешен не го исполнила ветувањето за содавање регистар на млади умови, со кој целта е токму тие активно да се вклучат во креирањето политики, преку нивното знаење и потенцијал. Од централната власт не добивме конкретни детали дали планираат ова ветување да го исполнат во претстојниот период, бидејќи рокот за исполнување на владината Програма за работа истекува до 2024 година.

Мета