Клелија Живковиќ е независна уметница и дизајнерка од Скопје која се занимава со истражување на она што е под површината на реалноста, и притоа резултатот го презентира во различни уметнички форми. Таа е една од добитниците на наградата „Денес 2023“ за млади уметници за инсталацијата „Страв од љубов“. Тоа ѝ носи самостојна изложба што ќе може да ја погледнеме следната година.
Во меѓувреме со младата уметница разговараме за начинот на кој таа се изразува, медиумите, поддршката на уметниците кај нас, а таа ни открива и за нејзините омилени дела, коментари и впечатоци за нив од публиката.
Креацијата „Страв од љубов“ што љубопитните можеа да ја погледнат минатиот месец на доделувањето на наградите е метафора на стравот и љубовта и сите попатни референци што се поставуваат меѓу нив. Или барем така изгледаше на изложбата. Клелија гледајќи од оваа перспектива вели дека ја создавала низ процес кој за неа бил многу повеќе емотивен и искуствен отколку истражувачки и интелектуален.
„Беше вистинска вежба за отпуштање на потребата за контрола, бидејќи колку повеќе се обидував да го контролирам, толку ми стануваше појасно дека треба само со понизност и внимание да го следам и да го прикажам на начин кој чесно и достоинствено ја материјализира идејата. Од една страна сакав да го израционализирам товарот од суровоста на стравот маскиран како љубов, а од друга страна сакав да го покажам на начин кој ќе ја валидира мојата одлука да престанам го носам“, раскажува таа.
Себе се опишува како трансдисциплинарна уметница, додека ние би додале дека нејзината уметност неретко искажува одреден критички став за она кон што е насочена.
„Не сум сигурна дека тоа што јас го создавам би го сместила во критичка уметност. Од една страна, низ моите дела се провлекува јасна нишка на отпор која се спротивставува на доминантните системи. Но, не можам да кажам дека содржат директна критика кон нив, барем не критика која свесно би ја нарекла така“, вели таа.
Додава дека важно ѝ е она што го создава да биде разбирливо и читко за сите кои имаат волја да го вложат своето внимание во него.
„Едно од најзначајните искуства ми беше учеството на ‘Под земја полесно се дише’ во 2019 година, каде имав интензивна размена со голем дел од публиката која беше заинтересирана за моето дело ‘Прототипи за заемно задоволство’, кое овозможуваше игрива интеракција со еден дел од инсталацијата“, открива младата дизајнерка.
Во однос на критичко-креативната сцена кај нас споредбено со нејзините искуства во Виена, Берлин и Љубљана, вели дека клучната разлика е што уметниците таму не мора да се грижат за опстанок, па оттаму креираат (по)фокусирани дела.
„За жал, многу е тешко создавањето уметност да ти биде единствениот извор на живеачка, па затоа најголемиот дел од нас се вработени или работат на разни други проекти од кои склопуваат некој достоинствен месечен приход. Така што одлуката да бидеш уметник во одредена смисла е и одлука да бидеш во дијалог со тие сурови услови и константната неизвесност“, посочува таа.
Локалните независни уметници овде неретко се соочуваат и со неплатен труд. Тоа, како што вели Клелија, е постојан влог за да се реализираат проектите, а со тоа и да се придонесе за долготрајност на уметноста.
„Иако постојат многу можности, повеќе од очигледно е дека не успеваат да ги згрижат сите оние кои се дел од оваа сцена, барем не на начин кој реално ќе го трансформира квалитетот на живот на културните работници. Најважната платформа која ја имаме е нашата меѓусебна солидарност и волјата да се грижиме едни за други“, истакнува таа и додава дека им се восхитува на сите нејзини современици од локалната и регионалната сцена.
Пред две години Живковиќ заедно со Хана Миленковска и Клементина Ристовска работеа на проектот „Некои нѐ викаат Балкан“. Проектот го истражува однесувањето на уметниците на Балканот кои примаат поддршка од западните ентитети и притоа се трудат да ги исполнат „западните“ очекувања.
„За жал, оваа перспектива не овозможува целосно разбирање на товарот на неизвесноста и нестабилноста со кои се соочуваме на Балканот како придонесувачки фактори во материјалниот контекст кој го ограничува полето на дејствување на балканските уметници и културни работници“, вели уметницата.
Според неа, на креативците овде очигледно им недостигаат и простори за работа, можности за раст и финансии, но оптимист е дека може да се создаде сфера чиј приоритет ќе биде културните содржини да се достапни за (по)широката јавност.
„Еден од начините да го направиме тоа е да ги разбереме различните форми на капитал кои културата ги создава, кои не се манифестираат секогаш во финансиски профит, туку во здрави граѓани, културно наследство и современо творештво со висока продукциска вредност“, забележува таа.
Клелија сподели дека иако не може да одвои свое омилено дело, нејзината книга посебно ѝ значи, а раскажувајќи го процесот уште еднаш нагласува за важноста уметниците да бидат поддржани од системот.
„Имав привилегија да имам време и простор за работа кои дозволуваа процесот да потрае и да помине низ повеќе различни фази на продукција и истражување: пишување на текст, студиска работа, фотографија, дизајн и форматирање на книгата и конечно, отворање на изложбата во студиото на ‘Приватен Принт’“, споделува таа.
Во следниот период „ќе се внесе“ во како што вели, најдолгиот и најинтензивен процес на продукција досега преку кој ќе ја спрема самостојната изложба.
„За таа цел, со искрена радост му се враќам на моето тековно истражување „Дизајн за оживување“ преку кое, покрај уметничката продукција, сакам да создадам и збирка на алатки, методи, модели и приказни за „оживување“, или процесот на создавање свет во чија срж е вродената способност за оживување на која протекува низ целиот жив и нежив свет“, вели дизајнерката за крај.
Ангела Бошкоска