Владата на Република Северна Македонија вчера го разгледала и усвоила текстот на Предлогот за пристапување кон измена со насоки за измена и дополнување на Уставот на Република Северна Македонија и одлучи документот да биде доставен до Собранието на Република Северна Македонија.
Интервенциите, како што објаснуваат тие, се однесуваат на додавање делови од народи во Преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот, при набројувањето на деловите од народи во нашата држава.
„Односно, во формулацијата ‘Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите’, после зборот бошњачки народ се става запирка и се додава: бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и еѓипќанскиот народ. Согласно ова, направена е измена и во Комитетот за односи меѓу заедниците за запазување на париретот на претставниците во Парламентот на сите вака утврдени заедници во Преамбулата на Уставот“, велат од Владата.
Со предложените Уставни измени, според Владата, се зајакнува мултиетничкиот карактер на земјата, додавајќи дека земјата е успешен пример за функционална, мултиетничка демократија во регионот и во Европа и пример за почитување граѓански и човекови прав.
„Владата оценува дека пред граѓаните и државата е неповторлива шанса за потврдување на европскиот пат, забрзување на европските интеграции и остварување на оваа европска цел до 2030 година. Граѓаните заслужуваат да бидат европски граѓани, да имаат европски квалитет на живот и европски животен стандард, во европска држава, а тоа да биде нивната родна земја. Исто така, во услови кога во геополитичкиот контекст, нашите стратешки пријатели САД и државите членки на НАТО и на ЕУ во Република Северна Македонија гледаат фактор на стабилноста, ни доликува, како граѓани и како држава – доверлив партнер на демократската меѓународна заедница, да придонесеме во безбедноста на регионот и ЕУ“, децидни се од Владата.
Од овие причини, тие посочија дека очекуваат конструктивност од сите политички субјекти преку пратениците во Парламентот, совесност и фокус кон постигнување натпартиски консензус при усвојувањето на уставните измени како дел од преговарачката рамка со Европската Унија.
„Ваквата одлука на Собранието на Република Северна Македонија ќе овозможи одржување на втората меѓувладина конференција со ЕУ до декември 2023 година, отворање на поглавјата во преговорите, интензивирање на реформите и брзо членство во ЕУ. Владата повикува на разум и свесност за актуелниот моментум во којшто државата ја има можноста да избегне повторна многугодишна изолација и напротив, конечно да ги реализира европските перспективи“, посочија од Владата.
Инаку, од владиниот кабинет велат дека предлог уставните измените ги подготвила работна група составена од експерти, еминентни професори од неколку универзитети, како и претставници на политички партии.
„Северна Македонија во согласност со својата стратешка определба за полноправно членство во Европската Унија е одлучна да ги спроведе обврските преземени во рамките на преговарачката рамка и пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија што започнаа со одржувањето на првата Меѓувладина конференција, одржана на 19.7.2022 година“, децидни се од Владата.
Предлог уставните измени може да се погледнат на следниов ЛИНК.