Повеќе од 750 илјади демонстранти на протестите против пензиските реформи во Франција

Вкупно 757.000 луѓе демонстрираа во Франција против пензиските реформи, според проценките на полицијата, додека синдикатот „ЦГТ“ процени дека речиси два милиони луѓе излегоа на улиците. Ова е трет круг демонстрации против пензиските реформи во Франција, пренесува Н1.

Третиот круг демонстрации против пензиските реформи се случи еден ден откако членовите на францускиот парламент почнаа да расправаат за законот со кој ќе се зголеми старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години.

Овој предлог-закон е клучен акт, чие усвојување сака да го постигне францускиот претседател Емануел Макрон за време на неговиот втор мандат.

Властите проценија дека минатата недела демонстрираа 1.27 милиони луѓе, што е повеќе од првите протести против пензиските реформи, одржани на 19 јануари низ целата земја.

За сабота се најавени нови демонстрации, на кои повикаа осум водечки француски синдикати.