Презентација на „Создаваме град, градиме иднина!“ на Културно Ехо во КСП Центар- Јадро

Независната организација „Културно ехо“ ќе ги претстави своите активности во социјално ангажираната уметност, остварени во рамки на проектот „Создаваме град, градиме иднина!“.

Презентацијата ќе се одржи во среда, 8 февруари во КСП Центар- Јадро, со почеток во 20 часот.

„Во рамките на новиот проект Arts Hub кој ќе го реализираме во приодот 2023/24 година, продолжуваме со серијата презентации и разговори со уметници од локалната уметничка сцена“, велат од социјалниот центар.

Кристина Божурска, Културно Ехо, Елена Чемерска, Ивана Мирчевска, Симона Манчева, Лидија Пајевиќ и Крунислав Стојановски ќе ги претстават своите активности кои во контекст на програмата КСП Центар Јадро во изминативе 2 години беа поддржани да реализираат свои проекти на партиципативна/социјално ангажирана уметност.

„Тие ќе ги споделат искуствата и лекциите научени од праксата во специфичниот локален контекст. Проследени со прашања и одговори , овие презентации и разговори, меѓу другото, ќе ги пренесат искуствата и ќе помогнат во освестување на битните аспекти поврзани со подготовката и реализацијата на проекти и акции базирани на социјално ангажираната уметност“, истакнуваат од КСП Центар Јадро.

Оттаму дополнуваат дека  „Создаваме град, градиме иднина!“ има за цел да ја зголеми транспарентноста и партиципативноста во процесот на урбанистичкото планирање на градот, преку серија јавни настани од мултимедијален карактер, чија основна целе да поттикнат критичко размислување и да иницираат вклучување на локалната заедница во процесот на планирањето на просторот.

Темата на проектот се фокусирала на новиот генералeн урбанистички план за Скопје (ГУП за период од 2023 до 2032 година), а во рамки на проектот биле реализирани три настани во три општини во Скопје.