УКИМ падна 41 место на Рангирање според академски резултати [Инфографик]

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје се најде на 1.709 место во светот на Рангирањето според академски резултати (УРАП) за 2022/2023 година, кое го изработува Техничкиот универзитет на Блискиот Исток во Анкара, Турција.

УКИМ е единствениот македонски универзитет на листата, а во споредба со минатата година има пад од 41 место на ранг-листата на која 3.000 универзитети низ светот се оценуваат според објавените научни трудови, бројот на цитирања и нивниот импакт фактор, како и меѓународната соработка.

Во споредба со универзитетите од регионот најголемиот македонски универзитет се наоѓа при дното, далеку зад најголемите универзитети на Грција, Србија, Хрватска и Словенија, а нешто подобар е и Универзитетот во Софија. УКИМ е подобар од Универзитетот во Сараево и Универзитетот на Црна Гора, а на листата нема универзитети од Албанија и Косово.

Оваа година на првото место на светот е Универзитетот Харвард во САД, а по него следуваат Универзитетот во Торонто Универзитетски колеџ во Лондон, Универзитетот во Париз, Франција и Универзитетот во Оксфорд.

Даниел Евросимоски