Климатски активисти се залепија на пистите на аеродромите во Берлин и Минхен

Климатски активисти во Германија денеска протестираа против евтините авионски патувања, а некои се залепија на пистите на аеродромите во Минхен и Берлин, јавува Ројтерс.

Активистите од еколошката група „Последна генерација“ ја повикаа владата да престане со субвенционирањето на авионските патувања и наместо тоа да ги прошири понудите за евтини патувања со воз, се вели во соопштението на групата.

Според локалните медиуми, летовите на аеродромот во Минхен биле прекинати. Портпаролот на аеродромот во Берлин пак рече дека во моментов нема прекини.

Полицијата во јужна Германија соопшти дека демонстрантите биле одлепени од асфалтот на аеродромот во Минхен и приведени, а протестот бил растурен. Демонстрантите, исто така, организираа блокади на патиштата на неколку точки низ Берлин.

Акциите се дел од најновите напори на активистите да ја подигнат свеста со блокирање на пистите и улиците во Германија.