„Солидарност преку волонтирање!“ – Црвениот крст со игри и признанија ќе го одбележи 5 декември

Со настанот „Солидарност преку волонтирање!” Црвениот крст во понеделник од 19 часот на Плоштад „Македонија“ ќе го одбележи 5 декември – Светскиот ден на волонтерството.

„Преку игра на светлина, бои и холограм ќе се навратиме во минатото, ќе ја видиме куќата на нашиот основополжник Анри Динан, но и тој самиот ќе ни ја раскаже идејата за раѓањето на Црвениот крст, а ќе бидат доделени и национални признанија на истакнати волонтери во знак на благодарност за нивниот севкупен придонес и остварувања во обезбедувањето поддршка на различни целни групи на население во Република Северна Македонија за 2022 година“, најавија од Црвениот крст на РСМ.

Црвениот крст е меѓународна организација чија што мисија се базира врз доброволна работа и врз силата на волонтерите. Низ светот има повеќе од 14 милиони волонтери, а кај нас во земјата повеќе од 7.000 волонтери кои се различни по возраст, религија, пол, едукација…но го спојува истата желба – да се направи промена во заедницата и да се подобрат нештата.