Промоција на книгата „Празно место“ од Снежана Стојчевска во КИЦ

Новата книга од Снежана Стојчевска, „Празно место“ ќе биде промовирана во петок (25 ноември) со почеток во 19:00 часот во Салон 19:19 во Културно Информативниот Центар – Скопје (КИЦ).

„’Празно место’ е книга за загубата, за љубовта, за семејството, за секојдневието, за проблемите, за пандемијата, но и за радоста која произлегува од конекцијата со блиските луѓе. Покрај овие теми, отвора прашања и за минливоста на времето, за материјалното и духовното постоење, како и за самата поезија, како начин да се обезбеди вечност“, пишува во краткиот опис.

Книгата ќе ја промовира Љупка Антеска, а стихови ќе читаат Катерина Гогова, Биљана Стојановска и Долорес Атанасова-Лори. Музичка поддршка ќе биде Владимир Стојчевски на гитара.

Снежана Стојчевска дипломира на Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет во Скопје. Во 2012 година ја објавила првата поетска книга „Шеќер по подот во издание на ИЛИ-ИЛИ. Под нулата“ е нејзино второ дело, за кое ја добива наградата „Бели мугри“ за 2013 година, која ја доделува Домот на културата Кочо Рацин – Скопје. По нив ги има издадено поетските книги „Модри фантазии“, „Треба да е лесно“ и  „Ќе се завијам во песни“. Како авторка е застапена во повеќе антологии на младата македонска поезија, а освен со пишувачка дејност се има занимавано и со филмската уметност при што има работено на повеќе македонски филмови и на голем број телевизиски реклами и кампањи.